Арсенал беше доста тивок во месец јуни и најчесто се споменуваше во јавноста во вид на шпекулации, но по ангажманот на Кепа Аризабалага од Челси како резервна опција за голманската позиција, клубот тргна доста фуриозно во првата седмица од месец јули.
„Топчиите“ пред два дена го потврдија Мартин Зубименди како прво големо летно засилување за средниот ред на Микел Артета, клубот е во финишот од преговорите и со Виктор Ѓекереш, но пред да слета Швеѓанецот во Лондон, Арсенал ќе добие друго засилување од Скандинавија.
Како што јавува специјализираниот „Атлетик“, Арсенал го комплетирал третото летно засилување во текот на ова утро, а станува збор за втор фудбалер кој ќе пристигне од премиерлигашки ривал.
Се работи за Кристијан Норгард од редовите на Брентфорд, фудбалер кој веќе ги договорил личните услови и кој ги одработил медицинските прегледи со клубот.
Дефанзивиниот играч за врска ги минал лекарските тестови и сега се чека само негово пристигнување во Северен Лондон, по што ќе стави параф на договорот со „топчиите“.
Норгард е искусен играч за врска кој има 31 година, а Арсенал за неговиот трансфер ќе плати 12 милиони фунти.