[ФОТО] „Скриениот“ италијански бисер: Малото гратче со највкусната пица во светот

Точка

08/07/2025

16:44

651

Големина на фонт

а а а

И покрај неподносливите туристички толпи и редици, Италија и понатаму крие неоткриени бисери кои ќе ве маѓепсаат и во кои сериозно би можеле да се заљубите.

Еден од нив е малото гратче Казерта во јужна Италија, во срцето на Кампанија.


Ова италијанско гратче е идеална дестинација за еднодневен излет од Рим, Неапол или од крајбрежјето на Амалфи кое ќе ве исполни со историја, импресивни приказни и италијански шарм, и нема да си заминете со празни раце бидејќи најдобрата пица во Италија се пече токму таму.

Палата која го засенува дури и Версај

Казерта е најпозната по својата величествена Кралска палата (Reggia di Caserta), најголемата кралска резиденција во Италија и една од најголемите во Европа. Била изградена во 18 век според проектот на архитектот Луиџи Ванвители за потребите на династијата Бурбон и со нескромна намера да претставува политичка, административна и симболична противтежа на Версај.


Палатата со своите кралски апартмани, сала со престол, церемонијална капела, приватен театар, библиотека со телескоп и бања со када изрезбарена од едно парче црвен гранит има вкупно повеќе од 1.200 соби, а секој детаљ е подеднакво импресивен.


Окружена е со паркови и особено импресивна англиска градина, која, кога била дизајнирана кон крајот на 18 век, со природно обликувани езерца, шумски патеки, фонтани и многу егзотични растенија, била една од најмодерните ботанички градини во Европа. Билетот за Реџо ди Казерта (палата, градините и англиската градина) е 14 евра, а влезот е бесплатен првата недела во месецот.

Историја, природа и општество

Покрај палатата, Казерта има и други интересни точки што не треба да се пропуштат. Поранешната летна резиденција на Бурбонците, Белведере ди Сан Леучо, претворена во фабрика е необичен споменик на индустриска утопија. Во 18 век, тука биле основани фабрика за свила и комуна заснована на еднаквост и образование, невообичаено прогресивни за своето време. Денес, во Сан Леучи и понатаму се произведува свила за кралските дворови на Европа.


Како и палатата и аквадуктот Каролино, кој обезбедувал вода во фонтаните во кралскиот парк, Белведере ди Сан Леучо е на списокот на УНЕСКО за материјално светско наследство.


Стариот град, Казертавекија, сместен на рид оддалечен околу десет километри од модерниот град, со својата катедрала од 12 век, тесни улички и панорамски поглед на долината, ќе ве врати во минатото. Ако пак барате враќање во природата, продолжете ја вашата прошетка од кралските градини до оазата Сан Силвестро, природен резерват со уредени патеки за пешачење (влез – 10 евра), но тука е и задолжителната станица – Планетариумот во Казерта, а влезот чини 7 евра.


Културниот и ноќниот живот во Казерта се многу раздвижени, особено во лето. Претставите, концертите, ноќните пазари и бројните кафулиња и ресторани ветуваат дека никогаш нема да ви биде здодевно. Не пропуштајте да ги пробате специјалитетите на кујната од Кампанија, „Mozzarella di Bufala Campana“, „Sfogliatella“ – лиснато тесто наполнето со рикота, шеќер и кора од лимон, „Pasta e Fagioli con le Cozze“ – тестенини и грав со школки и локални вина – „Falangina“, „Greanico di Tufo“.


Најдобрата пица во светот

Во последниве години, Казерта станува сè попозната по својата гастрономија. Во центарот на градот се наоѓа пицеријата „I Masanielli di Francesco Martucci“, која е прогласена за најдобра во светот неколку години по ред, вклучително и 2024 година, според меѓународниот водич „50 Top Pizza“. Тука служат не само класична пица, туку и доста креативни пици со препознатливите техники и техники на висока кујна на Мартучи. Меѓутоа мора внимателно да ја испланирате посетата на пицеријата „I Masanielli“ односно да резервирате маса денови, а во сезона, недели однапред.


Најубав период за посета на Казерта е надвор од главната туристичка сезона, напролет или рана есен кога метежот е помал, а температурите се попријатни. Најлесниот начин да се стаса таму е со воз од Неапол, а возењето трае 40 минути, додека од Рим е нешто помалку од час и половина. Ако барате дестинација што ќе ве воодушеви со своето културно и историско наследство, но и со својот ноќен живот и секојдневен шарм – ја најдовте.