Повеќето граѓани користат природни методи на ладење – од вентилатори, отворени прозорци поставени на провев, па сè до излегување во природа.
Во Швајцарија, клима уредите не се секојдневна појава во приватните домови, а честопати ниту во деловните простори. Причината за ова лежи во комбинацијата на неколку фактори – од умерената клима, преку строгите регулативи насочени кон енергетска ефикасност, до длабоко вкоренетата државна политика за одржлив развој. Нивната инсталација во одредени кантони може да претставува вистински предизвик, бидејќи регулативите се строги и насочени кон намалување на потрошувачката на енергија.
Швајцарија се наоѓа во умерена климатска зона, па летните температури ретко се искачуваат до екстремите што се вообичаени во медитеранските или континенталните делови на Европа. Додека во оние денови кога живата во термометарот ќе покаже повисоки температури, вечерното заладување честопати е доволно за да се излади просторот без дополнителни уреди. Покрај тоа, куќите и зградите се дизајнирани така што ја задржуваат топлината во зима, а во лето остануваат пријатно ладни благодарение на дебелите ѕидови, добрата ориентација и квалитетната изолација.
Во такви услови, жителите генерално се потпираат на докажани, пасивни методи на ладење. Спуштањето на ролетните во текот на денот и проветрувањето на просториите ноќе е честопати доволно за да се одржи удобноста во домовите. Во Швајцарија, климатизацијата е повеќе луксуз отколку потреба – дури и кога температурите се високи, ретко може да се слушне бучавата од уредите за ладење во станбените згради.
Клима и градежна пракса
Еколошката свест во Швајцарија не е само празен збор – таа се преведува во закони и правила кои строго се спроведуваат. Оваа алпска земја постојано се залага за енергетска ефикасност и борба против климатските промени, што јасно се гледа во регулирањето на инсталацијата на системи за климатизација.
Во многу кантони, инсталацијата на климатизација бара посебна дозвола, а понекогаш и специфично објаснување. Така, на пример, во кантонот Женева, познат по една од најстрогите регулативи, потребно е да се докаже медицинска или функционална причина за инсталација на систем за ладење. Дури и тогаш, само системите што ги исполнуваат високите стандарди за енергетска ефикасност и ниски емисии добиваат дозвола.
Култура на одржливост наместо комфор по секоја цена
Можеби најдлабоката причина зошто клима уредите се ретки во Швајцарија лежи во менталитетот на нацијата. Во земја каде што одржливоста е темел на секојдневниот живот, прекумерната потрошувачка на енергија се смета за општествено неодговорна. Ладењето на просториите до нереално ниски температури се смета за непотребен луксуз, спротивен на заедничките вредности.
Затоа повеќето граѓани користат природни методи за разладување – од вентилатори, отворени прозорци поставени на провев, па сè до излегување во природа. Во време кога целиот свет ги чувствува ефектите од климатските промени, овој начин на живот не само што заштедува ресурси, туку служи и како пример за одржливо секојдневно однесување.
Сепак, клима уредите не исчезнале потполно
Секако, ова не значи дека клима уредите не постојат во Швајцарија. Во урбаните средини и модерните деловни простории, има сè повеќе компании кои користат модерни, енергетски ефикасни системи за ладење, особено во време кога топлотните бранови стануваат честа појава. Болниците, хотелите и големите трговски центри се, секако, климатизирани, а нивните уреди за ладење не се исклучок, туку стандард.
Сепак, дури и кога постои техничка и законска можност за инсталирање климатизација, многу граѓани се одлучуваат за алтернативни решенија – првенствено поради високите трошоци и личните ставови. На овој начин, Швајцарија покажува дека удобноста не мора да биде на сметка на природната средина и дека борбата против летната жега не мора нужно да се води со помош на компресори и фреон.
Затоа, не е изненадувачки што во швајцарските медиуми има бројни статии и совети кои се занимаваат со ладење без климатизација. Во нашиот регион, од друга страна, кога температурите надминуваат 35 степени – особено во станбени згради со лоша изолација – клима уредот останува практично единственото решение, бидејќи без него единственото нешто што преостанува е да се страда дење и ноќе за време на топлотните бранови.