Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, најостро го осудува нападот врз официјални лица од Градот Скопје.
Овој брутален напад е последица на атмосферата на страв и беззаконие што ја создава оваа власт.
Овој напад е уште еден доказ дека кога се зборува за криминал, кога се откриваат злоупотреби, институциите не ве штитат — туку ве оставаат на милост и немилост на насилниците, истакна портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Со недели наназад, јавноста гледаше како во Скопје се откриваат скандали, дивоградби, приклучоци, милионски малверзации, но наместо истрагите да завршат со расчистување на криминалот, завршија со закани. Наместо институциите да ги казнат криминалците, молчеа. Наместо полицијата да ги заштити граѓаните и правото — дозволи ова да се случи.
Ваквиот напад е срам за државата и порака до сите граѓани дека ако зборуваат за криминал и неправда, ќе бидат замолчени со сила“.
Бараат од Министерството за внатрешни работи и од обвинителството да постапат веднаш и да ја преземат целата одговорност за „неделувањето со кое го овозможија овој напад. Да се расчисти до крај, а насилниците да бидат изведени пред правдата без одлагање“.
Владата, додаваат, мора да престане да ги штити криминалците и да почне да ја штити правдата.
„Државата не смее да биде заложник на мафијата и на оние што со закани и со сила се пресметуваат со секој кој се обидува да открие криминал“.