Три лица, меѓу кои и тримесечно бебе, го загубија животот во страшен пожар што избувнал синоќа околу 22:00 часот во станбена зграда со 26 ката во квартот Чанкаја, во главниот град на Турција, Анкара.
Според информациите на турските власти, огнот избувнал на четвртиот кат од зградата, а пламенот брзо се проширил на повисоките катови. Екипите на противпожарната служба работеле скоро четири часа за целосно да го стават под контрола пожарот, објави државниот сервис ТРТ.
На терен биле испратени и екипи на Брза помош, кои згрижиле 26 лица со повреди, од кои 20 биле префрлени во три различни здравствени установи – Анкара Билкент, Етлик болницата и клиниката при Медицинскиот факултет на Универзитетот Гази.
Од повредените, едно лице се наоѓа во критична состојба.
Дополнително, 39 лица, вклучувајќи седум пожарникари, се пожалиле на симптоми на труење со чад и добиле медицинска помош.
Властите започнаа истрага за причините за пожарот, кој ја потресе јавноста во Турција.