Младите на „Галичка свадба“ добија подарок од претседателката Сиљановска Давкова

Макфакс

13/07/2025

16:55

2.068

Големина на фонт

а а а

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, и годинава беше дел од манифестацијата „Галичка свадба“, каде што одблизу ги проследи свадбарските обичаи кои со децении го негуваат македонското културно наследство и ја афирмираат националната традиција.

Како што информира Кабинетот на претседателката, Сиљановска-Давкова им честитала на младенците Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски, посакувајќи им среќен и исполнет заеднички живот, полн со љубов, разбирање и многу деца. На новиот брачен пар, претседателката им подари „галичка пафта“ – симболичен подарок со мотив од мијачката носија, карактеристична за регионот на Галичник.

Претседателката истакна дека „Галичка свадба“ не само што ги негува традициите, туку ја промовира македонската култура на светската сцена.

„Нешто што е дел од нашиот идентитет, нешто што нѐ прави посебни и уникатни мора да се зачува. Радосна сум што младите ја прифаќаат оваа традиција и ја продолжуваат“, рече Сиљановска-Давкова.

Таа додаде дека Галичник, со својата автентична архитектура, историја и природна убавина, има потенцијал да биде културно-туристички центар што ќе живее преку целата година, а не само за време на свадбарската манифестација.

Манифестацијата започна со поставување на свадбарскиот бајрак и симболичното „фрлање“ пушка од куќата на зетот, а по венчавањето во црквата „Св. апостоли Петар и Павле“, продолжија традиционалните обичаи.

„Галичка свадба“ традиционално се одржува околу празникот Петровден, време кога печалбарите се враќале во родниот крај за да се женат, а оваа културна манифестација со децении се одржува под покровителство на претседателот на државата.