Министерот за одбрана на Иран, вчера изјави дека Исламската Република не верува во сегашниот прекин на огнот со Израел и подготвила повеќе воени сценарија во случај на продолжување на непријателствата, пренесува „Иран Интернешнл“.
„Исламската Република не верува во прекин на огнот“, рече Азиз Насирзаде во телефонски разговор со турскиот министер за одбрана Јасар Ѓулер, според извештајот на државната новинска агенција „ИРНА“. „Затоа предвидовме различни сценарија за секој нов авантуризам“.
„Не сакаме да шириме војна и несигурност во регионот, но сме подготвени да дадеме цврст и болен одговор на секој чин на агресија“, додаде тој.
Насирзаде, исто така, го критикуваше времето на нападот, велејќи: „Нападот врз Иран се случи за време на преговорите. Му докажавме на светот дека не сме против дијалогот и преговорите“.
Минатиот месец, иранскиот реформистички весник „Шарг“ го опиша прекинот на огнот како правно кревок и непредвидлив.
„Прекинот на огнот не се базира на меѓународни правни стандарди, прописи или правила на официјални глобални организации и институции“, напиша весникот.
„Всушност, тоа е привремен и двосмислен прекин на огнот и не може да има сериозна сигурност за неговата трајност“.
Минатата недела, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во едно интервју изјави дека Израел ја намалил нуклеарната програма на Иран, но посочи дека неговата земја сè уште не завршила со Исламската Република, пренесуваат светските агенции.