Вкупно 38 отсто од жителите на Хрватска не можат да си дозволат ни седум дена годишен одмор надвор од дома, покажал најновиот извештај на „Евростат“ за 2024 година.
Во Европската унија, полоши од Хрватска по овој критериум се само Романија каде 58,6 отсто од граѓаните не можат себеси да си дозволат одмор од една недела, како и Грција со 46 отсто, Бугарија со 41,4 отсто и Унгарија со 39,3 отсто, пренесува хрватски „Vecernji“.
Во споредба, само 8,9 отсто од жителите на Луксембург и 11,6 отсто од жителите на Шведска не можат себеси да си дозволат летување. Просекот за цела Европска унија изнесува 27 отсто.
Овие податоци стигнуваат во моментот кога цените во Хрватска се меѓу највисоките во Европската унија, а истовремено потрошувачката моќ е послаба од европскиот просек.
Хрватска има одредена предност меѓу земјите во ЕУ како што се понискиот број на млади кои ги напуштаат училиштата и помалата работна разлика во платите, но во клучните категории за квалитетот на живот, како што е и можноста за летување и натаму заостанува.
Експертите истакнуваат дека летувањето во Хрватска за многу од домашните туристи станало прескапо, па сѐ повеќе луѓе бираат поевтини дестинации во регионот.
Скапите услуги и цените кои не го следат квалитетот наведени се и од страна на хрватскиот министер за туризам и спорт Тончи Главини - да ги предупреди домаќините да внимаваат на формирање на цените за да не ги одбиваат домашните и странските гости.
Трендот на поскапување, според сведоци, продолжува и во текот на останатиот дел од годината.
Високата инфлација, слабата можност за штедење и скромниот раст на платите придонесуваат во тоа многу од граѓаните на Хрватска да не можат да си го дозволат основниот одмор, за нив тоа е недостижен луксуз.