[ВИДЕО] Вселенски спектакл: Четворица астронаути се вратија на Земјата

Точка

15/07/2025

19:05

718

Големина на фонт

а а а

Капсулата „Dragon“ на компанијата "SpaceX" вчера успешно се одвои од Меѓународната вселенска станица (ISS), а денес астронаутите од мисијата „Axiom 4“ се вратија на Земјата.

Во оваа мисија учествуваа Индиецот Шубаншу Шукла, Полјакот Славош Узнански-Вишњевски и Унгарецот Тибор Капу, а со нив беше и американската астронаутка Пеги Витсон, која работи за компанијата "Axiom Space" – приватна компанија која го изнајми летот.

Капсулата „Dragon“ слета според планираното во Тихиот Океан, јужно од брегот на Калифорнија, околу 11:31 часот по средноевропско време, пренесува "Indian Express".

Според информациите на "SpaceX", капсулата се одвоила од "ISS" на 14 јули во 7:05 по источноамериканско време (16:35 по индиско време), а слетувањето се очекуваше без поголеми отстапувања. Индискиот министер за наука и технологија, д-р Џитендра Синг, изјави дека постоел временски прозорец од еден час за евентуални доцнења.

Што беше целта на мисијата на Шукла?

За време на престојот на Меѓународната вселенска станица, Шубаншу Шукла спроведувал истражувања за вселенски микроалги, фокусирајќи се на нивниот потенцијал за производство на храна, кислород и биогориво.

Експериментот вклучувал споредба на различни соеви на цијанобактерии за да се разбере нивната адаптација во услови на микрогравитација — знаење што би можело да биде клучно за идни долготрајни вселенски мисии.


Порака од вселената: „Индија изгледа гордо“

Во емотивна проштална порака од орбитата, Шукла изјави:

„Пред 41 година, еден Индиец дојде во вселената и ни кажа како изгледа Индија одозгора. Денес, Индија изгледа амбициозно, изгледа храбро, изгледа самоуверено, изгледа гордо.“

Мисијата „Axiom 4“ го означува враќањето на астронаути од Индија, Полска и Унгарија во вселената. Иако ова беше втор вселенски лет за претставниците на овие земји, за првпат тие изведоа мисија на Меѓународната вселенска станица.