Стотици милиони муви што се исфрлаат од авиони можеби звучи како вистински хорор, но експертите велат дека тоа би можело да биде најдобрата одбрана на сточарската индустрија од растечката закана што се приближува кон југозападната граница на Соединетите Американски Држави.
Ларви од видот „Cochliomyia hominivorax“, муви познати по тоа што ги населуваат раните на топлокрвните животни и полека ги јадат, се шират низ Централна Америка од почетокот на 2023 година. Инфекции биле пријавени во Панама, Костарика, Никарагва, Хондурас, Гватемала, Белизе и Ел Салвадор. Повеќето земји од Централна Америка немале таква епидемија во последните 20 години.
Мувата пристигнала во јужно Мексико во ноември, предизвикувајќи загриженост кај американските службеници за сточарство и затворање на неколку гранични премини за размена на говеда, коњи и бизони.
Не би било прв пат САД да се борат против овие инвазивни инсекти. Земјата во голема мера ги искорени нивните популации во 1960-тите и 1970-тите години со одгледување стерилизирани мажјаци од видот и нивно исфрлање од авиони за парење со диви женки.
Сега, додека инсектите продолжуваат да се шират кон северот, службениците се надеваат дека тој пристап би можел повторно да функционира.
Меѓутоа, денес, во Панама има само еден објект што одгледува стерилизирани мушички за дисперзија, а стотици милиони дополнителни стерилни мушички се потребни за да се забави епидемијата, според писмо од 80 американски законодавци од 17 јуни. Следниот ден, Министерството за земјоделство на САД објави планови за отворање фабрика за мушички во сè уште неодреден град во близина на границата меѓу Тексас и Мексико. Но, процесот на искоренување можеби нема да биде брз или евтин.
Инвазивен вид
Овие паразитски ларви, за разлика од сите други муви автохтони во Западната хемисфера, се хранат со живо животинско ткиво, а не со мрша, објасни д-р Филип Кауфман, професор и претседател на Одделот за ентомологија на Универзитетот Тексас А&М.
Тие јадат месо од повеќето топлокрвни животни, вклучувајќи коњи и крави. Забележани биле и случаи на инфекција кај домашни миленици, а во ретки случаи и кај луѓе, додаде Кауфман.
„По парењето, женската мушичка наоѓа жив домаќин, слетува на неговата рана и може да положи до 200-300 јајца“, рече Кауфман. „По 12 до 24 часа, сите тие јајца се изведуваат и веднаш почнуваат да се хранат со ткивото на животното, создавајќи многу големи рани“, истакна тој.
По неколку дена хранење, ларвите паѓаат од животното и се закопуваат во почвата, каде што подоцна растат во возрасни муви.
Пријавени биле повеќе од 35.000 случаи на инфекција од почетокот на епидемијата во 2023 година. Околу 83 отсто од заразените животни се крави. Третманот за заразениот добиток обично вклучува чистење, антисептичен третман и заштита на рани.
Ако не се лекуваат, мувите можат да го убијат животните во рок од една до две недели и да се пренесат на други, пренесе Си-ен-ен.
Не постои вакцина или ефикасен метод за спречување на инфекција. Наместо тоа, во текот на потоплите месеци, сточарите треба да избегнуваат обележување, жигосување и други процедури кај животните што создаваат влезни точки за муви.
Иако се смета дека регионалната трговија со говеда е главниот фактор што придонесува за ширењето на мувите, инфекциите можат да ги зафатат и дивите животни како што се елените, птиците и глодарите, што го отежнува контролирањето на ширењето на паразитот.
Дисперзија во САД
Иако сè уште не е јасно како би изгледала дисперзијата во САД во случај на епидемија, Кауфман рече дека возрасните муви обично се ставаат во контејнери со контролирана температура и се испуштаат од авиони. Неделно околу 100 милиони стерилни муви се произведуваат и дисперзираат со авиони во погодените региони.
Во моментов, напорите за дисперзирање се фокусирани на јужните региони на Мексико и Централна Америка, каде што се пријавени случаи на инфекција. Се очекува новиот американски објект за дисперзија да биде лоциран во воздухопловната база Мур во Тексас и ќе чини 8,5 милиони долари, според соопштението.
Локацијата и цената на самата фабрика за муви не се откриени, но законодавците проценуваат дека може да достигне и до 300 милиони долари.