Ламин Јамал вчера го дочека денот кој со месеци се најавуваше во Каталонија и стави потпис на нов договор со Барселона, клуб кој му довери уште поголема обврска и одговорност со бројката која му ја додели.
По заминувањето на Ансу Фати во Монако, „десетката“ која важи за легендарен број во Барселона остана слободна за актуелните играчи од првиот тим, а по договор со водечките луѓе на клубот, Ламин реши да ја промени досегашната 19-ка.
Талентираниот фудбалер доби извонреден подарок неколку дена откако наполни 18 години, но според него, „десетката“ која е толку ценета во клубот нема да му донесе дополнителен притисок, туку само мотив да продолжи уште посилно.
– Не чувствувам притисок со новиот број, чувствувам само уште поголем мотив. Јас сум во најдобриот клуб во светот и знам што се очекува од мене.
– Меси имаше свој пат со овој број, а јас ќе си изградам свој со „десетката“. Не го наследувам овој број од Меси, го наследувам од Ансу Фати. Ќе се обидам да одам по свој пат, независен и поинаков од останатите, – изјави Јамал.