Европската фудбалска федерација донесе одлука за сериозни казни за клубот Арсенал Тиват и дел од неговите службени лица и фудбалери, а како причина за суспензиите е наведено местењето на натпревари на европската сцена.
Арсенал Тиват нема да може да игра во Европа наредните десет години, а УЕФА побарала од ФИФА сите казни да бидат проширени на глобално ниво, што секако ќе влијае најмногу и врз индивидуалните суспензии на инволвираните членови на клубот.
Црногорскиот клуб ќе плати и казна од 500.000 евра и нема да добива пари од УЕФА до 2035 година, затоа што доказите потврдиле дека имало сомнителни потези во двомечот од Конференциската лига меѓу Арсенал Тиват и Алашкерт од јули 2023 година.
Арсенал одигра 1:1 на гостувањето во Ерменија, пред да биде прегазен пред своите навивачи со 6:1 од истиот противник.
Фудбалерот Никола Челебиќ и претставникот на клубот Ранко Крговиќ се казнети со доживотна суспензија, а десетгодишна суспензија добиле капитенот Четко Манојловиќ и неговите соиграчи Радуле Живковиќ и Душан Пулетиќ.