Извршниот директор на "Nvidia", Џенсен Хуанг, е уверен дека вештачката интелигенција (AI) ќе донесе огромни промени, особено во медицината и развојот на лекови. Но, неговата порака за иднината на работните места е далеку од утешна.
Станува сè појасно дека "AI" ќе ја трансформира работната сила – некои професии целосно ќе исчезнат, други ќе се појават, а дел ќе претрпат длабоки промени.
Ако мислите дека вашето работно место е безбедно и дека "AI" нема да влијае врз него, Хуанг има поинакво гледиште. Во интервју за "CNN", тој отворено предупреди на нешто што технолошкиот сектор често го премолчува:
„Работата на секој ќе биде засегната.“
„Некои работни места ќе исчезнат, но ќе се појават нови. Се надевам дека тоа ќе доведе до зголемена продуктивност и на крајот – подобро општество“, изјави тој.
Што точно значи тоа, останува да се види, особено имајќи ги предвид масовните отпуштања што следеа по воведувањето на "AI" во некои компании. Според истражување на Светскиот економски форум од јануари 2025 година, дури 41% од работодавците планираат да го намалат бројот на вработени до 2030 година поради автоматизација со "AI".
Дополнително, не е тајна дека моделите на "AI" имаат тенденција да „халуцинираат“ – односно, да создаваат неточни информации, можат да бидат манипулирани, а експертите за сајбер-безбедност предупредуваат на потенцијалниот ризик од губење контрола над системите.
Хуанг смета дека тоа е „застрашување на јавноста“. Тој појаснува дека повеќето модели на "AI" веќе користат други алатки базирани на "AI" за верификација на изворите и фактите, но се согласува дека е потребно да се воведат глобални стандарди и безбедносни практики.
„Ќе дојде до проблеми, но светот мора веднаш да реагира кога тие ќе се појават", нагласува Хуанг.
Сепак, тој останува оптимист:
„"AI" ќе направи големи работи во медицината. Не само што ќе го забрзаме откривањето нови лекови, туку ќе го продлабочиме и разбирањето на болестите. Ќе имаме виртуелни асистенти за научници и истражувачи, кои ќе помогнат да ги излечиме сите болести. Верувам дека тој ден доаѓа“, заклучи Хуанг.