Додик шест години не смее да врши јавна функција: бара помош од Трамп, Орбан и руската амбасада се на негова страна

Макфакс

01/08/2025

19:40

530

Големина на фонт

а а а

Судот на Босна и Херцеговина соопшти дека претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик нема да може да извршува никаква јавна функција шест години, не само претседателската, според пресудата.

Лидерот на српскиот ентитет во Босна и Херцеговина е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност поради неспроведување на одлуките на високиот меѓународен претставник Кристијан Шмит, пресуда што Додик ја отфрла.

Судот на БиХ првично објави дека Додик нема да може да биде претседател на РС шест години, а потоа испрати ново соопштение во кое објаснува дека оваа одлука, со оглед на промените во законот што ги наметна Шмит, вклучува и забрана за вршење на сите други функции што вклучуваат јавни пари.

Буквалното толкување на ова вклучува и забрана за извршување на функцијата претседател на владејачката СНСД ако партијата на Додик се финансира од буџетот.


Додик во меѓувреме побара меѓународна поддршка и го тагираше американскиот претседател Доналд Трамп на профилот на X, цитирајќи ги неговите зборови од 2024 година во кои повика на прекин на прогонот против него во САД. Тој го спореди својот случај со она што го доживеа Трамп, нагласувајќи дека тој, исто како Трамп, е жртва на политички прогон.

Руската амбасада во БиХ ја оцени пресудата како политичка и го нарече високиот меѓународен претставник „узурпер“.

„Затоа сите пресуди засновани на наводи за наводно кршење на одлуката на високиот претставник не се законски, туку чисто политизирани. Целата одговорност за евентуалната дестабилизација на внатрешнополитичката ситуација во земјата е на промоторите на оваа политичка акција“, соопшти амбасадата.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, исто така, го поддржа Додик, велејќи дека треба да се почитува одлуката на народот на РС кој го избра Додик за свој претседател.

„Нема место за легален лов на вештерки во демократијата“, напиша Орбан на X.