Земја со 360.000 бункери крие ваков скапоцен камен: Внатре лифт, болница, оружарница и 10 километри ходници

Точка

01/08/2025

20:20

4.322

Големина на фонт

а а а

Замислете секој жител во вашата земја да има загарантирано место во бункер во случај на нуклеарна катастрофа. Во Швајцарија, тоа не е плод на имагинацијата, туку законска обврска. Уште од 1962 година, поради стравовите од Студената војна, секоја општина е должна да обезбеди скривница за своите граѓани – и така е создадена мрежа од над 360.000 бункери, многу од нив скриени длабоко во Алпите.

Меѓу нив се издвојува еден: „Swiss Mountain Fortress“, познат и како „Festung Furggels“, денес познат како најголемиот приватен бункер во Швајцарија.

Сместен во планините над селото Сент Маргретенберг и недалеку од познатото одморалиште Бад Рагац, овој бетонски колос се простира на 30.000 квадратни метри и лежи на надморска височина од 1.220 метри. До 2001 година бил воена тајна – бункерот е изграден за време на Втората светска војна, надградуван за време на Студената војна и опремен со сè што би ѝ било потребно на војската за да преживее без излегување шест месеци.


Денес е во рацете на бизнисменот Ерих Брајтенмосер, кој го изнајмува на швајцарски компании како врвно заштитен складишен простор. Внатре има сè што можете да замислите – и повеќе. Бункерот има над 190 простории, 500 кревети, болница, кујни, трпезарии, оружарници, канцеларии, бањи, два нивоа поврзани со лифт, ходници долги над 10 километри, генератори за струја и резервоар за вода од дури 1,8 милиони литри.

Главниот влез е доволно широк за воен камион, а целиот објект е проектиран да издржи и најлоши сценарија – од нуклеарна експлозија до еколошки катаклизми.

Оние што имале можност да ѕирнат во оваа тврдина тврдат дека изгледа како сцена од научно-фантастичен филм. Ако ве интересира како изгледа сето тоа одвнатре, погледнете го видеото на екипата од „YouTube“-каналот „Yes Theory“, кои добиле ексклузивен пристап до ова место.