Риболовецот Јакуб Вагнер собори уште еден чешки рекорд. Уловил сом долг 268 сантиметри, со што за четири сантиметри го надминал својот рекорд од минатата година.
Со неверојатниот улов се пофалил на социјалните мрежи и опишал како ја совладал огромната риба, пренесува „Idnes.cz“.
Огромен сом кај дрвото
Интересно е што само еден ден претходно Јакуб уловил сом долг 250 сантиметри, додека новиот рекорд го дочекал во раните утрински часови.
„Ловот на големи риби не е само страст. Тоа е прашање на морал, посветеност и решителност. Го земам последното парче чоколада и тргнувам кон водата. Навистина сум уморен и функционирам на автопилот. Поминувам покрај карпите и гледам сом долг околу еден метар“, ја започнал својата приказна.
Јакуб одлучил да ја проба среќата на вештачкото езеро „Врановске“.
„Се приближувам до карпите и забележувам голем дел од дрво. Ми изгледаше чудно, бидејќи претходно не го имав видено. Одеднаш, дрвото се помрдна и сфатив дека таму има огромен сом“, опишал тој.
„Се борев да ја задржам трската“
Искусниот риболовец ја фрлил јадицата и трпеливо чекал.
„Десет минути не се случуваше ништо. Одеднаш, сомот тргна директно кон мамката! Следуваше жестока борба. Се оттргнуваше, земаше метри конец, и покрај затегнатата кочница. Не можев ништо да направам, се борев да ја задржам трската“, раскажал тој.