Убиство среде бел ден во Тетово, во пукањето повредени се четири лица меѓу кои и дете

Макфакс

10/08/2025

17:52

2.070

Големина на фонт

а а а

Едно лице загина, а четворица се повредени, меѓу кои и малолетно девојче, во вооружена пресметка што денеска околу 12:30 часот се случила на крстосницата меѓу улиците „Илинденска“ и „Благоја Тоска“ во Тетово. Според првичните информации од Министерството за внатрешни работи, во инцидентот учествувале лица од две возила, при што дошло и до сообраќајна незгода, по што возилата го напуштиле местото на настанот.

„Едното возило се упатило кон улица ‘113’, додека другото заминало во непознат правец“, информираат од МВР. Очевидци изјавиле дека возилото што се упатило кон улица „113“ било „Форд Фиеста“ со тетовски регистарски таблички, кои од извршената проверка се утврдило дека се одјавени и припаѓаат на 19-годишен жител на село Гајре.

При преземените мерки, полицијата на крстосницата меѓу улиците „Благоја Тоска“ и „107“ пронашла патничко возило „Фолксваген Голф“ со тетовски регистарски таблички, сопственост на 46-годишен жител на Тетово. „Во возилото било пронајдено едно починато лице со прострелни рани од огнено оружје“, соопшти МВР.

Во престрелката биле повредени и малолетно девојче од Тетово, кое е задржано на опсервација во Клиничката болница во Тетово, двајца мажи на возраст од 34 и 46 години, кои со тешки повреди се пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, како и 60-годишен пешак, кој бил случаен минувач и е пренесен во истата здравствена установа.

„Формиран е тим со кој раководи дежурен јавен обвинител при ОЈО-Тетово, а увидната екипа од СВР Тетово врши комплетен увид. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, наведуваат од МВР.