Италија одлучи строго да ги казни оние што фрлаат ѓубре низ автомобилски прозорци. Според новиот закон, кој стапи на сила на 9 август, прекршителите ќе бидат казнети со парична казна, може да им бидат одземени возачката дозвола или возилото, а можат да завршат и во затвор.
Со овој закон, Италија го поедностави процесот на казнување на прекршителите. Тие повеќе не мора да бидат фатени на дело, туку доволна е фотографија од регистарска табличка направена од која било надзорна камера за да се поднесе пријава и да се изрече парична казна на сопственикот на возилото.
Оваа мерка не е наменета само за заштита на животната средина, туку и за зголемување на безбедноста во сообраќајот, бидејќи фрлените предмети од автомобилите можат да предизвикаат сообраќајни несреќи.
Висината на казната зависи од видот на отпадот. Фрлање отпушок може да чини до 1.188 евра. Додека секој што ќе фрли лименки, стаклени шишиња или кеси може да очекува казна до 18.000 евра и пријава до државното обвинителство.
За незаконско одложување отпад или опасни супстанции во заштитени водни подрачја или во природни резервати, предвидени се затворски казни од шест месеци до пет и пол години. Во особено сериозни случаи, казната може да се зголеми на седум години.
Доколку незаконското одложување се врши со користење на службено возило, возилото може да се конфискува. Оваа санкција важи и за лица кои фрлаат отпад во природата, во напуштени индустриски зони или во природни резервати.