По катастрофалните пожари кои деновиве зафатија делови од Албанија, уништувајќи домови и имоти, премиерот Еди Рама излезе со силно и директно ветување до сите настрадани граѓани. Во објава на социјалните мрежи, тој најави дека државата целосно ќе ги обесштети сите што претрпеле штета, вклучително и бесплатна обнова на секој уништен дом.
„Кој и да го изгубил својот дом, ќе го обновиме бесплатно, кој и да изгубил добиток, ќе го рефинансираме еден по еден“, напиша Рама на социјалните мрежи.
Оваа мерка, како што појасни министерот за одбрана Пиро Венгу, ќе се спроведува преку општините. Ќе се формираат посебни комисии за проценка на штетите на куќи, инфраструктура, бизниси и земјоделски култури, по што ќе следува обештетување од општинските фондови за цивилна заштита, поддржани од државниот буџет.
Ова смело ветување на Рама не е без преседан и затоа има голема тежина. По разорниот земјотрес што ја погоди Албанија во 2019 година, неговата влада започна масовна и во голема мера успешна програма за реконструкција, со која беа обновени илјадници домови и училишта, главно со помош на меѓународни донации. Ова искуство покажува дека државата има механизам и волја да спроведе вакви големи проекти, што му дава кредибилитет на ветувањето.