[ВИДЕО] Кога во пожар не може пинцгауер, гранка му е мајката: Ангелов со малку шега го покажа херојство на четата на Цветко од Рогачево

Макфакс

16/08/2025

11:14

791

Големина на фонт

а а а

Со лопати, стапови, гранки во рацете и светилки на главите седуммина доброволци од Рогачево заедно со екипите на Дирекцијата за заштита и спасување, пожарникари, полициски хеликоптери… храбро и по полноќ се бореа со големиот пожар кој го зафати селото Јажинце, општина Јегуновце, а кој вчера повторно се реактивира.

„Благодарение на четата на Цветко од Рогачево со овие храбри луѓе успеавме да изгасиме една цела линија во текот на ноќта, а некаде е околу 1 и 30 по полноќ. Го гасевме пожарот кој ќе се симнеше сигурно до патот и ќе направеше големи неприлики. Ви благодарам од мое име и од името на Дирекцијата за заштита и спасување.“, вели во видеото директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов за пожарот кај Јажинце.

Ова видео кое утрово го објави ДЗС ја покажува храброста на оние кои на терен се борат со големите однови, но и хуморот кој постојано е присутен кај Ангелов, а со кој тој на свој начим умешно успева да ја доближи реалноста до јавноста.

Директорот на ДЗС додека го снима видеото во ноќните часови, заедно со уште неколкумина од екипата, во раце држат гранки. Во негов хумористичен стил, по храброто гасење на пожарот Ангелов со насмевка ги прашува волонтерите: „А со што гасевме“? На ова сите со насмевка му одговараат: „Со гранки“. Ангелов на крајот додава дека на местото каде што се наоѓаат ни пинц не се качува (мислејќи на пинцгауерите, доносно пожарникарските возила), туку се качуваат само диви кози и четата на Цветко од Рогачево.

Доцна синоќа пожарот во атарот на селото Јажинце, општина Јегуновце, повторно се реактивира. Набргу потоа поради лесно горливата висока трева, грмушки и смреки пропратени со подзасилен ветер, огнената линија стана подолга од еден километар движејќи се во насока на магистралниот пат Тетово – Јажинце.

Кога во пожар не може пинцгауер, гранка му е мајката: Ангелов со малку шега го покажа херојство на четата на Цветко од Рогачево. Со лопати, стапови, гранки во рацете и светилки на главите седуммина доброволци од Рогачево заедно со екипите на Дирекцијата за заштита и спасување, пожарникари, полициски хеликоптери... храбро и по полноќ се бореа со големиот пожар кој го зафати селото Јажинце, општина Јегуновце, а кој вчера повторно се реактивира.

Posted by Makfax on Saturday 16 August 2025


„На патот бргу поставивме одбрана со десет ПП цистерни, 8 пинцгауери и еден воден топ на МВР за да не дозволиме огнот да помине преку патот, доколку дојде до него. Околу полноќ се искачив до линијата на огнот високо над патот и откако лично се уверив дека ветрот е поволен, горењето ослабнато и има услови за ноќно гаснење од земја, со мојот возач и 7 жители на Рогачево започнавме гаснење на огнената линија. Гаснењето се одвиваше во две фази, гаснење, контролирање и догаснување на изгаснатата линија. Некаде околу три часот по полноќ ја совладавме целата лева огнена линија во должина поголема од еден километар. Десната огнена линија беше далеку од нас и поради тешко пристапниот терен обраснат со густа вегетација полна со трње, не можевме да се пробиеме до неа. Во овој момент изгаснатата лева линија покажува жешки точки и знаци на разгорување поради што е активиран полицискиот хеликоптер кој со прецизно фрлање на вода дејствува точка по точка. Еден крак од пожарот се движи во насока на с. Дворце кон скопската страна“, велат од ДЗС.

Министерот Тошковски кој синоќа ја посети локацијата на пожарот, цела ноќ и утрово остана со нас. На лице место се наоѓаат пожарникари со навални возила од ТППЕ Тетово, Гостивар, Велес и Кавадарци како и локално население.

„Голема благодарност до сите кои деновиве помагаат да го ставиме под контрола овој тежок пожар. Посебно голема благодарност до седумчлената чета на Цветко Војвода од Рогачево со која успеавме да спасиме неколку хектари трева, грмушки и шума, гаснејки по исклучително тежок за движење терен, изложувакки се притоа и на определен ризик“, додаваат од ДЗС.