Во германскиот автомобилски сектор, сè повеќе производители почнуваат да произведуваат за војската – тоа е профитабилен бизнис.
Штом Себастијан Карл Шулте ја презеде функцијата директор на фабриката за мотори „Дојц“ во Келн – се соочи со голема политика. Тој седна на директорската фотелја на 13 февруари 2022 година, а само единаесет дена подоцна, Русија ја нападна Украина. „Оттогаш, се разбира, светот се промени“, вели денес Шулте, пишува Дојче Веле.
Она што изгледаше неинтересно на почетокот на неговата должност, сега е реалност. Земјите-членки на НАТО се согласија да трошат 3,5% од својот БДП за одбрана и вооружување. Шулте го гледа ова како можност за неговата компанија, бидејќи германскиот одбранбен сектор нуди и привлечни деловни перспективи.
„Дојц д.о.о“ (Deutz AG) се смета за најстариот активен производител на мотори во светот – нејзин основач е Николаус Аугуст Ото, по кого се именувани моторите. Во оваа фабрика мотори се произведуваат во повеќе од 160 години; во последно време главно за трактори, како и за земјоделски и градежни машини. Меѓутоа компанијата работи за војската со децении – но во помал обем. Моторите наменети за војската носат два проценти од приходите на компанијата, но нејзиниот директор има намера да го зголеми тој удел на пет до десет проценти во следните пет години.
Војската користи различно гориво
Моторите за војската се технички поразлични од оние за цивилните возила. Во војската, употребата на керозинско гориво JP-8 е широко распространета, па затоа е неопходна адаптација кон тој тип мотор. Александар Хас, инженер за развој во Дојц, рече: „Моторите мора да бидат помалку чувствителни на температури и генерално мора да бидат поцврсто изградени“. Тој додаде дека за него како инженер тоа е предизвик, но дека е и среќен поради тоа.
Сепак, не сите вработени во компанијата низ целиот свет – а ги има повеќе од 5.000 – беа воодушевени кога директорот на Шулте одлучи да зачекори во воениот сектор. „Дали сега ќе бидеме производители на оружје?“, запрашаа некои, раскажа директорот, забележувајќи дека почетната недоверба во меѓувреме исчезнала. Ова веројатно е и последица на фактот дека ваквите работи гарантираат зачувување на работните места.
Никому не му е лесно
Минатата година беше доста тешка за Дојц: бизнисот со градежна механизација секогаш зависи од глобалната економија. Од друга страна, работите во одбранбениот сектор секогаш значат долгорочни договори. „Не влегуваме во овој бизнис од очај бидејќи немаме друга иднина“, истакна Шулте. Дојц си создаде име на светскиот пазар, но одбранбениот сектор, како што рече, е дополнителна деловна област со која компанијата може да го прошири својот опсег на работење.
Компанијата од Келн не е сама во ова. Бидејќи на германската автомобилска индустрија не ѝ оди баш најдобро, многу производители на автоделови бараат нови клиенти. Така, фабриката за опрема „ZF“ од Фридрихсхафен известува дека нејзините производи се сè повеќе се бараат во воениот сектор.
„Планираме да ги прошириме нашите активности“, изјави портпаролот на компанијата: „Покрај менувачите, ние исто така ги приспособуваме и сопирачките за воена употреба“.
Тенкот не е голф
Клаус-Хајнер Рел од Институтот за германска економија во Келн предупреди дека целокупниот економски потенцијал на одбранбениот сектор е ограничен и покрај силниот раст на трошоците за одбрана во Германија и другите земји: „Автомобилската индустрија е приближно десет пати поголема од одбранбената индустрија“, истакна Рел. Според него, ренесансата во производството на оружје не може целосно да го надомести намалувањето на нарачките во автомобилскиот сектор.
Економистите од Универзитетот во Манхајм, кои ги истражувале економските последици од трошењето за вооружување, дојдоа до слична процена. Целокупната економска корист е значително помала отколку кога станува збор за владини инвестиции во образование, инфраструктура или грижа за деца, како што покажуваат нивните резултати.
Меѓутоа, за некои компании, работењето во воениот сектор особено е исплатливо. Индустријата за оружје и воена опрема е релативно мал сектор во економијата, рече директорот на Дојц, Шулте. Но, за неговата компанија, тоа би можело да биде многу профитабилен деловен сегмент.