Мерјем Чуљевиќ, инфлуенсерка од Босна и Херцеговина, која пред две недели објави видео на кое танцува како стриптизета околу јарбол со турско знаме на замокот Учишар во Кападокија, за време на нејзиниот одмор во Турција, може да биде осудена на затворска казна до пет години поради непочитување на национално знаме.
Мерјем која на Инстаграм се претставува како „blittem“,во описот на видеото што го објави напиша: „Кога Босна ќе се сретне со Турција“.
Нејзината објава брзо предизвика лавина коментари од корисниците на социјалните мрежи, а најмногу од Турците, кои ја обвинија за непочитување на турското знаме.
„Ова е непочитување на нашето знаме., „Ние всушност го почитуваме нашето знаме“, Ова не е шипка за стриптизети“, беа само дел од коментарите.
Таа се соочува со затворска казна до 5 години
Набргу потоа, властите поднеле кривична пријава, објави „NewsX“.
Канцеларијата на гувернерот на Невшехир потврди дека девојката е под истрага за сквернавење на знамето – и потенцијално би можела да добие казна затвор од пет години по две одделни обвиненија.
Имено, според турскиот Кривичен законик, член 300 предвидува дека навредувањето или непочитувањето на турското знаме е кривично дело, додека член 301 забранува навредување на турската нација или државните институции.
И двата прекршоци носат затворски казни – до три години за непочитување на знамето и до две години за навреда на нацијата или институциите.
„Непочитување на националните и духовните вредности“
Емре Чалишкан од конзервативната АК Партија во Невшехир, го осуди потегот, велејќи дека црвено-белото знаме со ѕвезда и полумесечина е „нивна чест“.
„Ова непочитување на нашите национални и духовни вредности е целосно неприфатливо“, додаде тој.
Тој нагласи дека целиот случај внимателно се следи за да се осигури дека се преземени сите потребни законски мерки против лицето кое го сторило делото.
„Нема да толерираме никакво непочитување на вредностите на нашата нација“, истакна тој.
Се огласи и Мерјем
По сето тоа, Мерјем изјави:
„Не мислев ништо лошо, ја сакам таа земја“, рече таа но и додаде дека сите Турци кои тој ден биле на истото место биле воодушевени од нејзиниот потег.