Астронаутката Суни откри што ѝ недостасувало најмногу за време на деветте месеци во вселената

Точка

02/09/2025

15:46

591

Големина на фонт

а а а

Вилијамс и нејзиниот колега Вилмор на „ISS“ требало да останат само една недела, но поради технички проблеми поминале речиси девет месеци во орбитата.

Астронаутката Суни Вилијамс, родена во Нидхам, сојузна држава Масачусетс, гостуваше на телевизиската станица „WBZ-TV“, каде што зборуваше за своето детство, искуството од долгиот престој во вселената и она што најмногу ѝ недостасувало од Земјата.

Заедно со колегата Буч Вилмор, на Меѓународната вселенска станица („ISS“) требало да помине само седум дена, но техничките проблеми го продолжиле нивниот престој на речиси девет месеци – вкупно 286 дена.


„Како што летото одминуваше, сфативме дека ќе останеме подолго поради бројните тестирања кои не можеа да бидат завршени за кратко време. Мојот колега Буч и јас брзо се приспособивме бидејќи веќе имавме искуство на станицата, па можевме да помогнеме во секојдневните активности и да учествуваме во вселенски прошетки и научни експерименти“, изјави Вилијамс.

Враќањето на Земјата не поминало без предизвици, пренесува „CBS“. Телото по долг период во бестежинска состојба мора повторно да се навикне на гравитацијата. „Не бевме баш подвижни, не можевме да стоиме или нормално да одиме, иако имавме сила. Вестибуларниот систем трпи промени, па неколку дена сте дезориентирани и ви е малку мачно. Потребно е време да се вратат рамнотежата и координацијата и ’рбетот да се врати на своето место“, опиша астронаутката.


По враќањето, Вилијамс доби повеќе признанија – почесен докторат од „Merrimack College“, специјална медала за „Falmouth Road Race“, која минатата година ја однесе во вселената, како и Гувернерова повелба од рацете на Маура Хили.

На прашањето што најмногу ѝ недостасувало за време на повеќемесечниот престој во орбитата, одговорот бил едноставен и помалку шеговит: „Јадев јастог три пати откако се вратив, тоа ужасно ми недостасуваше. Но, она на што најмногу се радував беа боите на есента.“ Таа додаде дека ужива во дружењето со семејството и пријателите и дека враќањето на океанскиот брег ѝ донело посебно чувство на слобода.


За Вилијамс, која често се потсетува на детството поминато во заедницата во Нидхам, каде што „сите се познаваат меѓу себе“, враќањето дома по речиси една година во вселената значело повторно откривање на едноставните животни задоволства што животот во орбитата никогаш не може да ги замени.