Најмладата милијардерка во светот ја откри бруталната цена на успехот: „Без ова нема да успеете“

Точка

01/09/2025

18:04

2.672

Големина на фонт

а а а

Триесетгодишната Луси Гуо стана најмладата милијардерка во светот благодарение на немилосрдната дисциплина и темпо што ретко кој може да го издржи. Таа открива дека основачите на стартап-компании се принудени во почетокот да работат и по 90 часа неделно, доколку сакаат да го подигнат својот бизнис. Нејзиното секојдневие подразбира будење во 5:30 часот, два тренинга во теретана и работа во текот на целиот ден – често без ручек и без слободен викенд.

Родена е во Фримонт, Калифорнија, во семејство на кинески доселеници кои барале максимална посветеност на образованието. Додека другите деца времето го минувале надвор, Гуо часови поминувала пред компјутер и видео-игри, што ја поттикнало да ја развие својата страст кон инженерството и софтверот.


Пресвртниот момент

Клучниот чекор се случил во 2016 година, кога заедно со Александар Ванг ја основала „Scale AI“, компанија специјализирана за обработка на податоци за вештачка интелигенција. Иако само две години подоцна се повлекла од оперативната функција, Гуо задржала петпроцентен удел кој и денес ѝ носи огромен приход.

„Scale AI“ во 2024 година оствари приход од околу 870 милиони долари, а проценките се дека годинава ќе достигне и до две милијарди. „Meta“ купи дури 49% од уделот и со тоа ја подигна вкупната вредност на компанијата на 25 милијарди долари.


Од „Scale AI“ до нови стартапи

Гуо не застанала тука. Во 2019 година го основала инвестицискиот фонд „Backend Ventures“, а во 2022 ја лансирала платформата „Passes“ за монетизација на креатори на содржини. Платформата досега собра повеќе од 65 милиони долари и брзо станува нова дестинација за онлајн креатори кои сакаат да го наплатат својот труд.

Денес, Луси Гуо е симбол на младата генерација претприемачи подготвени да жртвуваат сè за успех. Нејзината порака е јасна – успехот доаѓа само со постојана работа, дури и кога тоа значи 90 работни часа неделно.