Панчев слави јубилеј: Македонската „кобра“ денеска наполни 60 години

Дерби

07/09/2025

14:51

1.464

Големина на фонт

а а а

Македонската фудбалска легенда, Дарко Панчев, денеска го прославува својот 60. роденден и официјално почна да ја ситни седмата деценија од својот живот.

Европскиот и светски клупски шампион со Црвена Звезда остави сериозен печат со настапите за тогашниот југословенски шампион, а во финалето во Бари го освои најпосакуваниот европски трофеј, кој беше потврден токму со неговиот решавачки пенал во дуелот со Олимпик Марсеј.

Панчев е и клупска легенда на Вардар, клубот во кој почна да го покажува потенцијалот и со кого стигна и до титула во тогашното југословенско првенство и за кого ги полнеше противничките мрежи од 1983 до 1988 година.

„Кобра“ ја освои и европската „Златна копачка“ за сезоната 1990/91, а истата му беше доделена со задоцнување од страна на УЕФА, која ја исправи неправдата направена пред повеќе од една деценија.

Панчев на денот кога го слави 60-тиот роденден може да биде горд што се најде и на делба на второто место во изборот за „Златна топка“ во 1991 година, иако многумина сметаат дека тој требаше да го добие признанието пред домашниот адут Жан-Пјер Папен.


До крајот на кариерата, Панчев настапуваше и за Интер, Лајпциг, Фортуна и Сион.