Зеленски: Путин нема да може да го освои целиот Донбас до крајот на годината

Макфакс

09/09/2025

14:41

171

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека рускиот претседател Владимир Путин нема да може да ги оствари своите намери, кои, како што рече, му ги пренел на претставникот на американскиот претседател, Доналд Трамп, да го освои целиот Донбас до крајот на годината.

Во интервју за „Еј-би-си њуз“, Зеленски исто така рече дека тврдењата од Москва дека Русија окупирала 70 проценти од територијата на Донбас од почетокот на војната во 2022 година претставуваат манипулации од страна на Руската Федерација, пренесува „Унијан“.

Тој рече дека пред 11 години, кога Русија го окупирала Крим без борба, таа окупирала и една третина од Донбас и дека по почетокот на тоталната војна со Украина во 2022 година, „за речиси четири години, таа окупирала речиси 30 проценти од регионот Донецк, а не целиот Донбас“. „Во текот на годините на тотална војна тие окупирале само 30 проценти (од територијата на Донбас)“, рече Зеленски.

Тој нагласи дека ова е значаен дел од територијата, но дека Кремљ жртвувал повеќе од еден милион свои војници за тоа. Зеленски рече дека Русија нема да го окупира целиот Донбас до крајот на годината, исто така затоа што цената би била милиони мртви.

„Тие нема да го окупираат. Цената се години и милион луѓе. И ако не години, но тоа се случува побргу, тогаш, едноставно, повеќе луѓе. Не милион луѓе, туку два милиона, три милиони трупа. Тоа е цената на ова“, рече Зеленски, пренесува „Танјуг“.

Тој истакна дека контролираниот дел од регионот Донбас и Донецк останува важна територија за Украина, како и дека освојувањето на целиот тој регион од страна на руските сили би значело загрозување на големите украински градови, како што е Харков, кој е оддалечен 90 километри од регионот.

Тој потсети дека во Харков живеат еден и пол милион луѓе, кои не сакаат да го напуштат својот роден град и дека би било страшна трагедија ако Русија го освои целиот Донбас.

„Што ќе се случи? Тоа ќе биде ужасна трагедија. И ќе го отвори патот кон Днепар, индустрискиот центар на Украина. Ова е нашата економија, нашите фабрики, нашето производство. Ова е сериозен придонес кон домашниот бруто-производ на земјата“, додаде Зеленски.