[ФОТО] Знаете ли дека Шпанија ја има својата „Венеција“?: Дом на повеќе од 25 километри живописни канали, а туристите штотуку ја откриваат

Точка

15/09/2025

18:09

364

Големина на фонт

а а а

Додека голем дел од Шпанија се бори со негативните ефекти од масовниот туризам, патниците сè повеќе се свртуваат кон помалку познати дестинации кои сè уште нудат автентичност и мир со доволно придружна содржина за да не им биде здодевно.

Со повеќе од 25 километри канали, марина од соништата, прекрасни песочни плажи и недопрена природа, каталонскиот крајбрежен град Емпуриабрава, сместен на Коста Брава, крајбрежен појас што се протега од француската граница сè до Барселона, дефинитивно е дестинација создадена за „полнење на батериите“. Се нарекува „шпанска Венеција“, која покрај гореспоменатите канали, претставува и најголемата станбена марина во светот.


Градот настанал дури во 1967 година, по примерот на селото Гримо на француската ривиера

Но, Емпуриабрава е многу повеќе од само водни задоволства. Покрај живописниот историски центар, има и импресивен природен парк кој ќе ги воодушеви и старите и младите. А дали знаевте дека целиот град всушност настанал дури во 1967 година? Тогаш маркизот Антони де Моишо и Гуел, по примерот на селото Гримо на француската ривиера, изградил луксузен ресорт на поранешна мочуришна област со марина и модерни вили, кои меѓусебно ги поврзал со живописни канали.


Со исклучително пријатна клима, благи зими и топли лета, Емпуриабрава е дестинација што вреди да се посети во секое годишно време. Изнајмете брод и крстарете по градските канали, уживајќи во погледот на шармантните, шарени куќи и нивните приватни пристаништа, кои според некои процени ги има најмалку 5.000.

Во близина ќе ја пронајдете и втората најголема базилика на Коста Брава

Доколку претпочитате одмор на плажа, оние во Емпуриабрава се протегаат по целиот залив Росас. Најпопуларната е Плаја де Емпуриабрава, која се наоѓа точно во центарот на градот. Долга е еден километар и е опремена со тушеви, ресторани, кафулиња и игралишта за деца. Посеверно ќе ја најдете дивата и недопрена Плаја де ла Рубина, која е омилено место за собирање на љубителите на кајтсурфинг.


Додека на само десет минути возење од Емпуриабрава се наоѓа средновековното село Кастело д’Емпуриес. Украсено е со калдрмисани улици, убави мали плоштади, автентичност и богато историско наследство. Исто така, таму се наоѓаат познатата базилика Санта Марија, втората најголема верска градба на цела Коста Брава, Музејот на богатството каде што се изложени бројни златни предмети и други вредни реликвии, како и кулата Карлина, тврдина која датира од 19 век, пишува „En Vols“.

Парк на пеперутки и центар за падобранство, овој град нуди по нешто за секого

Веднаш до Емпуриабрава ќе го најдете природниот парк Аигуамолс де л’Емпорда, резерват кој се протега на импресивни 5.000 хектари, составен од мочуришта, лагуни, дини и поплавени ливади. Исто така е дом на повеќе од 300 видови птици, вклучувајќи штркови, чапји, фламинга и разни грабливи птици. А во близина е и паркот на пеперутки Емпуриабрава, тропска затворена градина каде што можете да видите стотици пеперутки, егзотични птици, игуани, желки, овошни лилјаци.


За вистинските баратели на возбуда и зависници од адреналин, тука е „Skydive Empuriabrava“, еден од најпознатите центри за падобранство во светот. Со над 100.000 скокови секоја година, овој центар го посетуваат и искусни професионалци но и целосни почетници, а тој им нуди им спектакуларен поглед на Коста Брава од небото.


Септемврискиот средновековен фестивал е апсолутен хит меѓу туристите

Средновековниот фестивал „Terra de Trobadores“ во Кастело д’Емпуриес, се одржува секој септември, кога улиците на неколку дена се трансформираат во далечното минато, а посетителите можат да уживаат во бројни претстави, витешки турнири, стари кулинарски специјалитети и дружење со костимирани мајстори.




Нема позабавен начин да се доживее богатото наследство на овој шпански регион.