Медицинската драма која освои Еми ја фалат и гледачите и критичарите: „Серија на годината“

Точка

16/09/2025

09:21

453

Големина на фонт

а а а

На почетокот на годината на „HBO Max“ пристигна медицинската серија „The Pitt“ и веднаш стана хит меѓу гледачите.

Серијата на креаторот Р. Скот Гемил долго време беше најгледана на „Max“ низ целиот свет, а истата „растури“ на овогодишните Еми награди. Освои награда за најдобра драмска серија, Ноа Вајл беше прогласен за најдобар главен актер во драмска серија, Кетрин ЛаНасa за најдобра споредна актерка, а Шон Хатоси за најдобар гостувачки актер.

Благодарност кон хероите од вистинскиот живот

Ноа Вајл додека ја примаше наградата одржа емотивен говор во кој им се заблагодари на вработените во итната помош. „Вау. Каков сон беше ова“, го започна Вајл својот говор, по што ѝ се заблагодари на екипата на серијата која „секој ден дава сè од себе, што ме инспирира и мене да дадам сè од себе“.

Тој им се заблагодари и на своите деца, родители и сопруга. „Ѝ се заблагодарувам на мојата прекрасна сопруга Сара, на која ѝ припаѓа половина од ова, не само затоа што е тоа калифорниски закон, туку затоа што го заслужи“.

За крај упати силна порака до вработените во итната помош: „И главно, на сите кои вечерва одат на смена или излегуваат од смена, ви благодариме што сте на таа работа. Ова е за вас“.

За што се работи во серијата?

Првата сезона на серијата има 15 епизоди. Секоја епизода прикажува еден час од 15-часовна смена во итната амбуланта на Трауматолошката болница во Питсбург. Серијата на реалистичен начин ги прикажува предизвиците со кои се соочува медицинскиот персонал во САД.

Во главната улога го гледаме Ноа Вајл, кој истовремено работи како извршен продуцент заедно со Гемил, Џон Велс, Ерин Џонтоу, Симран Бајдван и Мајкл Хисрич.

Вајл го отелотворува д-р Мајкл „Роби“ Рабинович, кого сè уште го прогонуваат траумите од пандемијата на коронавирусот. Останатиот дел од актерската постава го сочинуваат Трејси Ајфичор, Патрик Бол, Кетрин ЛаНасa, Фиона Дориф, Тејлор Дирден, Иса Брионес, Геран Хауел и Шабана Азиз.

Реакции на гледачите и критичарите

Сите епизоди на оваа серија имаат оцена повисока од 8/10 на „IMDb“, а 12-та епизода, во која десетици пациенти ја преплавуваат итната помош, а медицинскиот тим се бори со намалени залихи, има одлична оцена од 9.7/10. Критичарите на „Rotten Tomatoes“ ја оценија серијата со 95%, а гледачите со 86%.

Серијата е хит и меѓу гледачите и меѓу филмските критичари. Многу гледачи ја фалат серијата затоа што на реален начин ја прикажува работата во болниците, што ги потсети на наградуваната серија „The Bear“, која доби пофалби затоа што одлично ја прикажува работата во угостителството.


„Не знам дали некој веќе го споменал ова, но „The Pitt“ ме потсетува на „The Bear“ затоа што имаат слична атмосфера“, „‘The Pitt’ е толку добра серија“, „Ги изгледав првите две епизоди и итно ми треба остатокот од сезоната. Ова е совршена мешавина на сериите „ER“ и „24“ и засега е фантастична“, се некои од коментарите на гледачите на „Х“.

Критичарите пишуваат дека серијата е многу емотивна, но реалистична. „Rolling Stone“ ја нарече „ТВ серија на годината“.

„Потполно интересна серија, компетентно направена и прекрасно монтирана“, „Тоа е паметна серија која ги цени деталите на ликовите и сложената медицинска наука која понекогаш подлежи на дози мелодрама“, гласат рецензиите на критичарите.