Премиерот Христијан Мицкоски денес изјави дека дваесетина лица се идентификувани како осомничени за серијата подметнати пожари во Скопје.
Според него, Министерството за внатрешни работи веќе собрало дојави и информации за нивните активности, а во координација со Министерството за животна средина ќе следуваат конкретни акции.
„Идентификувани се дваесетина лица за кои постои основано сомневање дека стојат зад целиот овој процес“, изјави Мицкоски додавајќи дека институциите интензивно работат на расчистување на случаите.
Тој посочи и дека веќе постои снимка, која јасно покажува како бил подметнат пожарот во еден објект во Скопје рано утрото во 4.30 часот.
„Видовте колку дрско се подметнува пожар и тоа е уште еден доказ дека постојат центри на моќ што сакаат да внесат страв и паника пред изборите“, рече премиерот.
Според него, заседавањето на врвот на структурите на МВР е во тек, а институциите се решени да ги спречат обидите за создавање нестабилност. „Тие ќе конструираат, ќе лешинарат, ќе подметнуваат. Ние чесно ќе работиме, ќе се бориме и на крајот – повторно ќе победиме“, порача Мицкоски.