[Точка интервју] Од момент на страв до живот полн со смисла - вистинската приказна на Даниел Николовски

Точка

16/09/2025

15:00

619

Големина на фонт

а а а

Во нашиот нов серијал - „Мојата вистинска приказна“, денеска ви го раскажуваме животниот пат на Даниел Николовски, познатиот мејкап артист со над две децении работно искуство.

Во хаосот на светот на убавината, каде што секоја линија и секоја боја мора да бидат совршени, Даниел Николовски го пронашол својот вистински пат – не само како мајстор на шминката и фризурата, туку како човек што преку уметноста гради самодоверба и ја буди душата на секој што ќе го допре. 


Кога занаетот станува животна дилема

„Мојот најголем предизвик не беше технички. Не беше дали можам да направам совршена фризура или шминка. Предизвикот беше дали ќе имам сила да ја следам оваа патека со цело срце“.

Во моментите кога се чувствуваш како да си заробен во бескраен круг на исцрпеност, долги работни денови и конкуренција која те мотивира да си секој ден подобар во тоа што го правиш, се раѓа една борба со себе - да бидеш секој ден подобар од вчера.

„Имаше тивки падови, моменти на сомнеж што го копаат внатрешниот мир и те тераат да размислуваш дали ова е навистина твојата иднина, со оглед на тоа дека живееме во една малку поинаква средина, но јас од секогаш знаев дека токму ова е баш мојот животен повик“.


Храброста да продолжиш – вистинската победа

„Победата не беше само во признанието или во совршеното изведување, туку во тоа што успеав да се појавам повторно. Да вложам уште повеќе љубов и посветеност во секој клиент, во секој проект“.

Тој не е само уметник на надворешната убавина. Тој е архитект на внатрешната сила.

„Луѓето почнаа да ме гледаат не како шминкер или фризер, туку како некој што им помага да ја откријат својата внатрешна моќ преку трансформацијата“.


Наследен талент што го движи напред

Професијата за Даниел има и длабока емоционална нишка – таа ја наследил од мајка си, која го инспирирала со својот пример.

„Иако веќе три години не е со нас, нејзиниот дух секојдневно ме следи. Во најтешките моменти, нејзината љубов и сила ми даваат храброст да не се откажам“.

За него, оваа професија не е само работа, туку благодет – начин да им донесе радост на луѓето.

„Тоа е нешто што го носам во срцето, како мисија да ги правам луѓето среќни“.


Учење од секој пад и секој избор

Од секоја тешкотија, Даниел извлекол животна лекција: „Успехот не е голема победа што ја славиш, туку малите, секојдневни избори да останеш верен на себеси. Падовите не се крај, туку почеток на нешто ново“.

Денес, кога ќе се соочи со предизвик, тој го гледа како можност за раст.

„Не се плашам од падови. Тие ме направија посилен, ми дадоа зрелост да бидам лидер и да инспирирам други“.


Убавината е искреност и автентичност

На крајот, за Даниел убавината е многу повеќе од техника и совршен изглед.

„Убавината е искреност, автентичност и самодоверба. Мојата работа е мисија – да им помогнам на луѓето да се чувствуваат посилни и посреќни“.

Автор: Ц.Н.