Подметнување пожар ќе биде тероризам, а фрлање отпад на недозволени места ќе се казнува со затвор над пет години, Мицкоски најави итни законски измени

Макфакс

16/09/2025

13:58

583

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски денес при посетата на Јегуновце најави законски измени со кои најстрого ќе се казнува подметнување пожар и фрлање ѓубре на недозволени места. Одговарајќи на новинарско прашање дали ги забележал депониите покрај Вардар кај Сиричино кога доаѓал кон Јегуновце, премиерот кажа дека секој што ќе биде фатен на дело ќе биде најстрого казнет.

„Во рамките на парламентарната процедура разговарав со координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ итно да имаме измени во законите со кои подметнување пожар ќе биде оквалификувано како дело на тероризам, а одлагање смет онаму каде што не му е местото ќе биде друго кривично дело кое ќе се казнува со казна затвор поголема од пет години“, рече премиерот Мицкоски.

Освен законските измени, премиерот кажа дека вчера Министерството за животна средина испратило дописи до сите општини да ги расчистат дивите депонии и сметот да се одложи таму каде што му е местото.


„Јас ги повикувам и несовесните граѓани кои што ги формираат овие диви депонии да не го прават тоа затоа што сите оние кои што ќе бидат фатени ќе бидат најстрого казнети“, повика премиерот Мицкоски.

Денешната снимка од подметнувањето на пожарот во Пинтија, премиерот Мицкоски кажа дека е само уште еден доказ дека постојат центри на моќ кои се обидуваат да внесат страв и паника кај граѓаните пред изборите. И денес тој не сакаше прецизно да каже кои се тие центри на моќ, но повтори дека одговорот на прашањето кому му одговара ваква состојба го дава и одговорот на прашањето кој ги нарачува.