Новинарката Дуковска со предлог: „Барајте како група граѓани групна посета на Вардариште, да видите што има во таа фамозна населба со „200 души“, каде точно се палат кабли и какви сè индустриски и други објекти има“

Точка

16/09/2025

16:38

656

Големина на фонт

а а а

Новинарката Југослава Дуковска која повеќепати ја посетила депонијата Вардариште и известувала оттаму, сведочи дека ништо не можело да ја подготви за она што таму го затекнала и дека на моменти се плашела за својата безбедност, но многу работи ѝ се разјасниле.

Поради тоа таа преку објава на Фејсбук упати предлог до граѓаните да бараат од институциите групна посета на Вардариште, за како што рече да видите што има во таа фамозна населба со „200 души“.

„Како ваша сограѓанка, имам еден предлог: барајте како група граѓани да ви се овозможи групна посета на Вардариште, ама убаво да го прошетате, да видите од каде сè се влегува на неа, што има на тој простор, каде точно се палат кабли, можеби ќе се запознаете и со палачите лично па ќе ви кажат зошто го прават тоа, какви се индустриски и други објекти има и што прават тие, што има во таа фамозна населба со „200 души“ што требало да се иселат оти тие ги палеле каблите и како тие живеат и многу работи на сите ќе им станат појасни“, напиша Дуковска.



Таа додаде дека за посетата веројатна ќе биде потребна дозвола од полиција и истакна дека тој простор формално нема статус на депонија или некакво заштитено подрачје.



Дуковска рече дека луѓето таму живеат врз ѓубре, некои во услови полоши од најцрни хорор филмови, а некои во нови, тип-топ средени куќи со скапи коли паркирани пред врата (ќе видите (ако не се иселил) човек кој напасува стадо овци среде депонија и млекото го продава, ќе видите каде заврши урнатото скопско Сајмиште, ќе ја видите претоварната станица на ЈП Комунална хигиена за која многупати како што рече читала коментари на социјалните мрежи.

                             [Дрон снимка од состојбата на Вардариште пред 7 години]

Дуковска истакна дека: „Граѓаните треба да ја земат иницијативата во свои раце и да ја освојат секоја педа од својот град бидејќи имаат право да видат што им се случува буквално пред нос“, но и додаде дека полицијата ги знае по име оние што палат кабли и оние што им го купуваат бакарот.