ЗНАМ: Децата во градинките во Центар без заштита, случајот во „13 Ноември“ аларм за сите институции

Макфакс

17/09/2025

13:51

219

Големина на фонт

а а а

Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија денеска обвини дека децата во градинките во Општина Центар се оставени без соодветна грижа и заштита, а случајот во градинката „13 Ноември“ е „вистинска закана по нивниот живот и здравје“.

Портпаролот на движењето, Никола Мемов, на прес-конференција истакна дека деца во дворот на градинката пронашле употребен наркомански шприц, кој го држеле во рацете, ја кршеле иглата и дури се гребеле и боцкале едни со други.

„Наместо топка или играчки, тие во дворот на градинката нашле шприц. Тоа е шок за секое семејство – местото кое треба да нуди сигурност, стана извор на страв и траума“, рече Мемов.

Тој обвини дека раководството на градинката и Општина Центар наместо да реагираат и да понудат план за заштита, наводно им упатиле закани на родителите „да молчат“.

жМемов упати и директни прашања до градоначалникот на Центар:

Дали децата во градинките се препуштени сами на себе?

Дали дворот на „13 Ноември“ е безбедно место за игра или ризична зона со употребени игли и шприцеви?

Дали родителите биле заплашувани да не зборуваат за случајот?

Дали безбедноста и здравјето на децата се приоритет на општината?

„Градинката треба да биде втор дом на децата, а не место на страв и опасност. Ова не е изолиран инцидент – тоа е аларм дека системот во Центар не функционира“, нагласи Мемов.

Тој додаде дека Движењето ЗНАМ ќе инсистира на одговорност и ќе бара подобрување на условите и зајакнување на безбедносните мерки во сите градинки.

Запрашан за ставот на движењето во однос на пожарите кои изминативе денови го зафатија Скопје и другите региони, Мемов рече: „Ги осудуваме ваквите настани и апелираме до МВР и надлежните органи да ги пронајдат сторителите и да ги санкционираат. Недозволиво е во нормални услови да ни се случуваат вакви инциденти, а од снимките е очигледно дека пожарите се подметнати“.