ВМРО-ДПМНЕ: Од „неподмитливи“ до профитери – ова е вистинското лице на Апасиев и Левица

Макфакс

17/09/2025

13:54

164

Големина на фонт

а а а

Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска на прес-конференција изјави дека лидерот на Левица, Димитар Апасиев, и неговата партија се демаскирани и дека од „наводно неподмитливи“ станале „профитери“.

„Апасиев и Левица, кои се претставуваа како скромни, неподмитливи и народни, денес се демаскирани. Од левичарска и работничка партија, Левица стана елитистичка партија со која Апасиев гази врз сопствените членови“, рече Манасиевски.

Тој го посочи купувањето на конфискуван недвижен имот во центарот на градот како доказ за, како што рече, вистинското лице на Левица. Според него, имотот бил купен за 250 илјади евра – сума многу пониска од реалната пазарна цена.

„Јавноста беше замајувана дека тоа не е вистина, но сепак вистината излезе на површина – просторот навистина е купен преку директен договор со извршител и банка, против кои Левица со години водеше битка“, нагласи Манасиевски.

Тој додаде дека со тоа Апасиев и Левица, кои до вчера ги обвинуваа другите за корупција и привилегии, сега стануваат дел од истите практики.

„Од граѓаните бараат донации, а парите завршуваат во џебот на партискиот врв. Од другите пратеници бараат отчет за патни трошоци, додека самите го прават истото. Апасиев и Левица се сè, само не неподмитливи и скромни. Нивната вистинска агенда е јасна – од наводно неподмитливи до профитери“, изјави Манасиевски.