Две третини од смртните случаи поради топлина во Европа се должат на глобалното затоплување

Макфакс

17/09/2025

21:07

122

Големина на фонт

а а а

Глобалното затоплување предизвикано од човекот e причина за две од три летни смртни случаи поради топлина во Европа, според анализата на истражувачите од Империјал колеџот во Лондон.

Од јуни до август, околу 24.400 луѓе починале поради топлината, од кои 16.500 случаи се припишуваат на дополнителна топлина предизвикана од емисиите на стакленички гасови, според брза анализа која сè уште не е испратена на преглед, објавува Гардијан.

Според студија спроведена од епидемиолози и климатолози во 854 големи градови, просечната температура во градовите е за 2,2 степени повисока поради климатските промени, што значително го зголеми бројот на смртни случаи од екстремна топлина.

Коавторката на извештајот и климатолог Фредерике Ото изјави дека причинско-последичната врска помеѓу согорувањето на фосилни горива и зголемувањето на температурите и зголемената смртност е неоспорна.

„Доколку не продолживме да согоруваме фосилни горива во текот на последните децении, повеќето од проценетите 24.400 луѓе во Европа немаше да умрат ова лето“, рече Ото.

Истражувачите откриле дека дополнителната топлина е одговорна за околу 68 проценти од проценетите смртни случаи од топлина, и дека постарите лица се најтешко погодени од екстремните температури – 85 проценти од оние што починале биле над 65 години, а 41 процент над 85 години.

Епидемиологот Гарифалос Константинудис, исто така еден од авторите на студијата, рече дека ризикот за јавното здравје од топлината продолжува да се потценува, и покрај опасностите.

„Никој не би очекувал некој да го ризикува својот живот работејќи во обилни дождови или ветрови со сила на ураган. Но, опасната топлина сè уште се третира премногу лежерно“, рече тој.

Европските градови се подобро подготвени да се справат со екстремна топлина отколку во 2003 година, кога екстремен топлотен бран уби 70.000 луѓе, но службите за итни случаи сè уште се борат со зголемувањето на температурите и стареењето на населението.