Шест лица завршија во болница по труење со храна на семинар во Куманово, развиле температура до 41 степен, повраќање и дијареа

Макфакс

19/09/2025

13:09

1.090

Големина на фонт

а а а

Шест лица завршија со симптоми на труење по семинар одржан на 11 септември во ресторан во Куманово, соопшти Центарот за јавно здравје Куманово.

Од вкупно 36 учесници на обуката организирана од фирма, дел од нив почувствувале повраќање, дијареја, висока температура и до 41 степен, како и стомачни болки, по што двајца биле хоспитализирани, тројца примиле терапија во дневна болница, а едно лице се лекува во домашни услови.

По пријавите, извршен е инспекциски надзор, земени се мостри храна и брисеви за анализа. Одлучено е објектот да остане затворен сè до добивање на негативни резултати.

Од ЦЈЗ порачуваат дека состојбата внимателно се следи и дека се преземени сите противепидемиски мерки.

- Вчера, Одделение за епидемиологија при ЦЈЗ Куманово пријави епидемија на „алиментарна токсоинфекција“ за шест пријавени – заболени со знаци на труење со храна од вкупно 36 експонирани лица. Се работи за учесници на семинар-обука организирана од една фирма во еден ресторан во Куманово. По консумирање на храната во надворешниот простор на гостилницата во вечерните часови на 11-ти септември годинава, заболените симптомите на труење со храна ги развивале по четири, па сè до 16 часа со обилни повраќања, зачестени водникави столици на секои 10,15 или 20 минути, малаксаност, температура до 41 степен, треска, болки и грчеви во стомак, главоболка, соопштија од ЦЈЗ Куманово.