Белгија го гради првото складиште за нуклеарен отпад: Таму трајно ќе се одлага краткотраен отпад со ниско и средно ниво на радиоактивност

Точка

19/09/2025

22:25

299

Големина на фонт

а а а

Во Белгија започна изградбата на првиот складишен објект за нуклеарен отпад, каде што трајно ќе се одлага краткотраен отпад со ниско и средно ниво на радиоактивност.

Во површинскиот објект во Десел, на северот од земјата, главно ќе се испраќа отпад од демонтажа на нуклеарни централи, како и радиоактивен отпад од болници, индустрија и истражувачки институции.

Проектот вреди околу 230 милиони евра, а првите складишни единици треба да бидат готови до 2030 година.

Отпадот прво ќе се пакува во големи бетонски контејнери кои ќе се затвораат со малтер, а потоа ќе биде распореден во бетонски бункери, објави агенцијата „Белга“.


Објектот е дизајниран да го складира целиот сегашен и иден краткотраен отпад со ниско и средно ниво на радиоактивност генериран во Белгија.

Планирано е отпадот таму да се одлага 50 години, по што објектот ќе биде трајно покриен со природни и вештачки слоеви за да се заштити од вода, а мониторингот ќе трае најмалку 300 години.

Белгискиот премиер Барт де Вевер рече дека нуклеарната технологија останува суштински дел од енергетската транзиција на земјата.

„Таа е безбедна, сигурна, со ниски јаглеродни емисии и пристапна – и ЕУ сега формално го признава ова. Ни помага да се движиме кон енергетска независност, што е клучно во овие геополитички неизвесни времиња“, рече Вевер.


Белгија има четири нуклеарни реактори, кои произведуваат околу 40 отсто од нејзината електрична енергија, а оваа година се откажа од претходните планови за постепено укинување на нуклеарната енергија.

Прашањето за одлагање на високорадиоактивен отпад, со кој моментално се управува на нуклеарните централи, сè уште се разгледува во земјата.

Во тек се истражувања за принципот на длабоко геолошко складирање, на кој во Европа моментално работат Финска, Шведска и Франција.