Кога Амол Коли започнал да работи во ресторанот „Friendly’s“ во Филаделфија како келнер во 2003 година, бил средношколец кој се надевал дека ќе заработи пари за џепарлак.
Коли заработувал околу 5 долари на час во ресторанот од типот „дајнер“, извршувајќи ги сите работни задачи што неговиот менаџер ќе му ги доделел, изјавил за „CNBC Make It“. Секој ден бил и готвач, и мијач на садови, и келнер… Сè што ќе му кажеле. Малку повеќе од две децении подоцна, Коли додал уште една позиција во своето резиме: сопственик.
Инвестициската група на Коли – „Legacy Brands“ – на 22 јули ја објави аквизицијата на целиот ланец „Friendly’s“, кој има локации во поголемиот дел од источниот брег на САД, заедно со матичната компанија „Brix Holdings“ и уште шест други брендови од угостителскиот сектор, за износ што не е откриен.
Овој договор претставувал кулминација на приказната на Коли (37) кој сега поголемиот дел од животот го има поминато работејќи токму во „Friendly’s“.
Дури и додека студирал на Универзитетот Дрексел — каде што паралелно дипломирал финансии и маркетинг — Коли летните месеци ги минувал работејќи пет до шест дена неделно во ресторанот, учејќи ги сите аспекти на работата.
„Почнав да поддржувам неколку франшизни партнери и тогаш почнав да учам што се случува откако парите ќе стигнат до касата“, вели Коли. „Учев за осигурување, пресметка на плати, трошоци за храна и сè друго. Тоа го правев за време на целиот факултет“.
Коли дипломирал во 2011 година, според неговиот профил на „LinkedIn“, и наместо да тргне по патот на финансии, одлучил да прифати позиција регионален менаџер во „Friendly’s“. Неколку години подоцна, се пријавил за да преземе франшизна локација што била пред затворање. Лиценцата, опремата и договорите за таа локација го чинеле околу „четвртина милион долари“, според него, така што зел заем, ја вложил својата заштеда и парите добиени од пријатели и деловни партнери.
„Така започна мојата франшизна кариера. И оттогаш едноставно не запира“, вели Коли, кој на крајот отворил франшизна мрежа од 31 „Friendly’s“ локација, пред целосно да го купи брендот.
Патот на Коли до сопственост над некогашниот работодавец започнал со падот на продажбата на „Friendly’s“ за време на пандемијата на ковид-19. Компанијата поднела барање за заштита од банкрот во ноември 2020 година и објавила планови да биде преземена од франшизната компанија „Brix Holdings“ со седиште во Далас за нешто помалку од 2 милиони долари. Договорот бил финализиран во 2021 година.
Во мај годинава, Коли основал своја сопствена инвестициска група „Legacy Brands International“ со единствена цел: да ја преземе „Brix Holdings“. Групата била финансирана „преку комбинација од сопственички капитал (акции) и задолжување“, изјавил портпаролот.
Создавањето на „Legacy Brands International“ е резултат на „среќна коинциденција на ѕвездите, поддршка од вистинските луѓе, вера и многу добра волја – сето тоа капитализирано одеднаш“, вели Коли. А неговото долготрајно искуство со компанијата го направило „идеален кандидат за сопственик“, изјавил основачот на „Brix“, Џон Антиоко, во соопштението кога договорот бил објавен.
Коли сега поседува франшизи на повеќе од 60 „Friendly’s“ ресторани низ САД — неговата компанија сега поседува и брендови како „Clean Juice“, „Orange Leaf“, „Red Mango“, „Smoothie Factory + Kitchen“, „Souper Salad“ и „Humble Donut Co.“ Целото портфолио брои над 250 ресторани.
Подемот од обичен вработен во „Friendly’s“ до претседател на управен одбор на „Brix Holdings“ е „неверојатен“, вели Коли. Сепак, тој се соочува со предизвик: оживување на брендот, кој денес има нешто над 100 активни локации — далеку од повеќе од 800-те што ги имал во средината на 1990-тите.
Пошироко гледано, ланците на ресторани бележат пад на продажбата поради инфлацијата и нестабилната економска клима која ги тера потрошувачите да преиспитаат колку често сакаат да трошат пари во ресторани.
Патот на Амол Коли е редок, но не и сосема уникатен: поранешната извршна директорка на „IHOP“, Џулија Стјуарт, била келнерка во истиот бренд како тинејџерка, пред да застане на чело на компанијата од 2002 до 2017 година.
„Некои од луѓето што денес се во мојот извршен тим беа мијачи на садови и готвачи“, вели Коли. „Ова е една од ретките индустрии во светот каде што буквално можете да почнете од тоа ниво и да стигнете до извршен директор или управител“.