Додека едни во вештачката интелигенција гледаат закана, други во неа препознаваат алат којшто го менува начинот на којшто работиме и мислиме.
Од појавата на ChatGPT, Midjourney и други слични системи, прашањето кое сѐ почесто го слушаме на глас е: Дали машините наскоро ќе ги заменат луѓето во креативните професии.
AI и денес пишува кратки вести, деловни извештаи и спортски резултати. Големите светски медиуми како „Reuters“ и „Bloomberg“ ги користат алгоритмите за автоматско генерирање текстови. Брзината и прецизноста на податоци се неоспорни, но проблемот е во нешто подлабоко.
Во светот преплавен со содржини она што ги разликува новинарите од машините е контекстот, интуицијата и емпатијата. AI може да симулира тон и стил, но не и човековото разбирање на мотивот, стравот или неправдата.
Програмите како DeepL и Google Translate драстично го зголемиле квалитетот на преведување, па многу од преведувачите денес повеќе работат како уредници отколку како класични преведувачи.
AI може да ги разбере нијансите, фразите и контекстот, но уметничкиот превод, поезијата и книжевноста остануваат негова најголема слабост.
AI може да каже што значи реченицата, но не и зошто боли. Во пракса, многу од преведувачите веќе соработуваат со вештачката интелигенција, ја користат како алатка, но конечните зборови и натаму ги носи човекот.
Алатките како Midjourney, DALL и Canva Magic Studio овозможиле секој да може да користи фотографии, логоа и концепти за неколку секунди. Некои дизајнери стравуваат дека нивната работа ќе исчезне, додека други веруваат дека ќе преживеат само оние кои AI го гледаат како соработник, а не ривал.
AI ги забрзува процесите и ја проширува креативноста, но често останува „заробен“ во познатите обрасци.
Вештачката интелигенција не ги брише креативните професии, ги менува од корен. Новинарите стануваат аналитичари и коавтори на информации, преведувачите уредници со значење, а дизајнерите стратези на виртуелен идентитет.
Она што преживува не е професијата туку човековата способност за разбирање, поврзување и чувствување.