Првата роботски асистирана телехируршка операција во регионот беше извршена денеска во Клиничкиот центар на Србија (КЦС), при што пациентот се наоѓал во болница во Белгија, а хирургот кој ја водел интервенцијата во Белград.
Благодарение на телемедицината, пациент во Белгија со карцином на простата бил опериран од Белград од професорот Алекс Мотри, основач на „ORSI Academy“, светски познат центар за едукација во областа на минимално инвазивната и роботски асистирана хирургија.
Пред операцијата, професорот Мотри одржал предавање во Клиничкиот центар на Србија за локалните лекари, кои ја следеле операцијата во живо.
Професорот Мотри рекол дека тие се занимаваат со роботска хирургија речиси 25 години.
„Досега сум извршил 8.000 вакви интервенции и многу сум горд што денеска сум во Белград, од каде што ќе ја извршам првата роботска операција во овој регион врз пациент кој се наоѓа во Белгија“, рече тој.
Мотри објасни дека роботската хирургија значи дека, преку специјална хируршка конзола, хирурзите далечински ги контролираат роботските инструменти лоцирани во абдоменот на пациентот.
„Ова нѝ овозможува да маневрираме многу попрецизно. Со години го правевме тоа покрај пациентот, а сега, благодарение на 4G мрежата и WIFI можностите, можеме да го правиме тоа од далечина. Денес, всушност оперирам пациент кој е оддалечен 1.800 километри од Белград“, додаде докторот.
Кога беше прашан за придобивките од далечинската роботска хирургија, тој истакна дека таа овозможува поголема достапност за пациентите ширум светот.
„Исто така, ќе можеме да им помагаме на младите колеги од далечина, а нашата визија е да започнеме центар за обука во Белград, кој ќе биде поврзан со мојот центар за обука во Белгија, за да имаме исти методи насекаде во светот. Бев тука во јуни, бев импресиониран од квалитетот на струката што ја видов во Србија и мислам дека е вистинско време да се премине на следното ниво и да се претстави роботската хирургија на Србија и регионот“, заклучи тој.