„Вие сега сте медиумите“ – оваа позната мантра на Елон Маск често ја користи на својата платформа „X“, охрабрувајќи ги следбениците да ги заобиколат традиционалните медиуми и да се свртат кон она што тој го нарекува „граѓанско новинарство“.
Маск уште во 2023 година во интервју за „BBC“ изјави: „Мислам дека медиумите се извор на дезинформации многу повеќе отколку што тие самите би сакале да признаат. Во многу случаи, обичниот граѓанин знае повеќе од новинарот.“
Сепак, неговиот поранешен шеф на комуникации за „X“ не го дели тоа мислење. Во своето прво јавно обраќање, ексклузивно за „CNN“, тој испрати остро предупредување: друштвените мрежи не се – и не можат да бидат – замена за новинарството.
Целосно спротивставени ставови
„Реториката дека друштвените платформи го заменуваат новинарството е неточна и штетна“, изјави Дејв Хајнзингер, кој ја предводеше комуникациската служба на „X“ од декември 2024 до март 2025 година.
Тој наведе дека ја напуштил компанијата од лични причини и се вратил на претходната функција – претседател на PR компанијата „Haymaker“.
Неговите изјави се во директен судир со оние на Маск, кој редовно ги омаловажува медиумите, тврдејќи дека тие „немилосрдно лажат“. Дури и неговиот AI chatbot „Grok“ доби критики од Маск затоа што „им давал премногу кредибилитет на традиционалните медиумски извори.“
Познато е дека Маск ги распушти PR тимовите во своите компании, кои вообичаено ги игнорираат новинарските прашања.
По неговото преземање на „Twitter“ во 2022 година, платформата „X“ неколкупати ги смени водечките луѓе во комуникациите, а во одредени периоди новинарите добиваа автоматски одговор во форма на емотикон – „измет“.
Друштвените мрежи не се новинарство
Иако Хајнзингер смета дека треба да постои „заемна почит меѓу комуникациските експерти и новинарите“, повеќе го загрижува идејата дека поплавата од информации на друштвените мрежи може да биде „супериорна“ на професионалното новинарство.
„Социјалните мрежи не се новинарство. Платформите се одлично место за вршење новинарска работа, и има фантастични новинари кои прават одлична работа таму, но самите платформи не го заменуваат занаетот на новинарството“, објасни тој.
„Новинарството е занает, различен од едноставно споделување сурова содржина.“
Опасноста од дезинформации
Суровата содржина – како видеа или непроверени тврдења – често е нецелосна, а понекогаш и целосно лажна.
И самиот Маск е познат по споделување непроверени информации, кои потоа ги промовира пред стотици милиони следбеници.
Минатата година, на пример, сподели – па избриша – лажен новински наслов што ја повторуваше теоријата на заговор за наводна изградба на „кампови за притвор“ во Обединетото Кралство.
Со порастот на видеа генерирани со вештачка интелигенција, станува сè полесно да се фалсификуваат настани, што дополнително ја зголемува заканата од дезинформации.
Хајнзингер одби да коментира подетално за своето време во „X“ или за самиот Маск, но рече дека почувствувал потреба да проговори по неодамнешните настани, како атентатот врз Чарли Кирк, кога гласини и неточни тврдења експлозивно се ширеле по друштвените мрежи.
„Со сите тие силни емоции, тешко е да се разбере што е вистина, а што не“, изјави тој, додавајќи дека тука настапуваат доверливите новинари.
Важноста на медиумската писменост
„Овој занает е нешто посебно и суштински важно – можеби поважно од кога било досега. Тоа е занает кон кој сите треба да покажеме посветеност и внимание“, нагласи Хајнзингер.
Иако призна дека квалитетно новинарство може да доаѓа и од независни автори надвор од традиционалните редакции, тој како главен приоритет ја истакнува медиумската писменост – клучната вештина за наоѓање и проверка на доверливи извори на информации.
Платформите како „X“ некогаш им доделуваа „потврдени“ значки на новинарите, но Хајнзингер смета дека платформите не треба да одлучуваат за ничија веродостојност.
„Не мислам дека треба да се потпираме на платформите за да го контролираат тоа. Како поединци, наша е одговорноста да ги следиме луѓето на кои им веруваме и самите да го обликуваме сопствениот информативен простор“, заклучи тој.