Најголемата депонија во Центар е неспособната локална власт на СДСМ, обвинија од Движењето ЗНАМ.
„СДСМ, како цела држава, така и во Центар е во тотален распад на идеи, резултати, но очигледно и на нерви. Наместо да одговорат зошто четири години ништо не сработија, зошто премолчуваат на дивоградби кои никнуваат пред нивните очи, тие повторно се вплеткуваат во лаги, спинови и соопштенија напишани во нивните мувлосани партиски канцеларии, далеку од реалноста“, велат од ЗНАМ.
Од таму велат дека тие не се против чистење – туку против незаконски акции, злоупотреби и предизборен маркетинг на сметка на граѓаните.
„СДСМ тврди дека проектот во Крњево се спроведува според „важечки ДУП“. Ајде да бидеме сериозни. Ако деталниот урбанистички план (ДУП) не е усогласен со актуелниот Генерален урбанистички план (ГУП), тој не може да се применува. Тоа јасно стои во член 35, став 5 од Законот за урбанистичко планирање. Во членот 2 стои дека градежно земјиште на кое не се формирани градежни парцели, што е ограничено со регулациони линии служи за општа употреба односно за изградба на јавните простори: улици, плоштади, инфраструктури, урбано зеленило и друго. Ако овој простор според оваа одредба во Законот, е предвиден за сообраќајница според ГУП-от, а не за урбано зеленило (уште помалку и со ДУП-от), како тоа Општина Центар реализира проект според важечки ДУП кој не е усогласен со ГУП на Градот Скопје? На тие што не им е јасно во членот 11 став 3 од Законот за урбанистичко планирање прецизно е наведено што содржи Генералниот урбанистички план, додека описот на Деталниот урбанистички план е даден во член 13 став 3 и 4 од истиот Закон“, велат од ЗНАМ.
Тие прашуваат како може општина Центар предводена од СДСМ да не ги почитува овие одредби од законот и на простор кој според ДУП и ГУП е предвиден за примарна сообраќајница булевар Крушевска република, да тврди дека има проект кој е предвиден според важечки ДУП за уредување на просторот со зеленило, урбана опрема и игралиште?
„Очигледно оние што со години го кршат законот, а денес се обидуваат да се претстават како реформатори. Нема јавна расправа, нема усогласеност со ГУП, нема транспарентност – има само лаги, паника пред избори и фото-акции за спас на рејтингот. Главна особина на владеењето на СДСМ е нивната неспособност. Господа од СДСМ, и сами да се тркате, ќе завршите на второ место. Ете, до толку сте неспособни. И наместо да чистат депонии на пет дена пред избори, ги облекоа работниците во нови униформи, СДСМ треба да се исчисти сам од лагите, манипулациите и неуспесите што четири години ги затрупуваат граѓаните на Центар. На 19 октомври, граѓаните ќе направат вистинско чистење – ќе го исчистат Центар од неспособноста на градоначалникот и локалната власт што мисли дека законот е нивна сопственост. На 19-ти октомври Центар ќе избере Градоначалник кој ќе работи од првиот до последен ден на мандатот, почитувајќи ги законите и јавниот интерес“, велат од ЗНАМ.