[ВИДЕО] Двојни стандарди? Прашањето до функционерка на ЕУ дали Израел треба да ја обнови Газа предизвика бура на социјалните мрежи

Точка

15/10/2025

17:39

1.075

Големина на фонт

а а а

На социјалните мрежи се појави снимка од една прес-конференција на Европската унија, која за кратко време привлече големо внимание. Во центарот на вниманието е моментот кога новинар поставил прашање што, судејќи по реакциите на присутните, ја затече претставничката на ЕУ.

За време на обраќањето, претставничката на Европската комисија, Паула Пињо, зборуваше за потребата Русија по завршувањето на војната „во целост да ја надомести штетата нанесена на Украина“.

Според проценките на ЕУ, станува збор за суми од стотици милијарди евра, што, како што се наведува, би требало да послужат како основа за идни репарации и обнова на земјата.

Меѓутоа, ситуацијата станала интересна кога еден од новинарите побарал коментар за сличен случај, поставувајќи го прашањето: „Дали сметате дека и Израел треба во целост да ја надомести штетата нанесена на Газа?“.

Пињо, по кратка пауза, одговорила: „Тоа е интересно прашање, но во моментов не можам да го коментирам“.

Нејзиниот одговор набргу стана вирален, а видеото се прошири низ социјалните мрежи, проследено со бројни коментари за, како што многумина тврдат, двојните стандарди кога се во прашање меѓународните конфликти.

Критичарите укажаа на тоа дека ЕУ често инсистира на одговорност и репарации во случајот со Русија и Украина, додека, според нив, избегнува сличен став кога станува збор за израелските воени дејства во Газа.

Во онлајн-дискусиите, многу корисници забележаа дека Брисел ја нема истата одлучност кога станува збор за Израел, како што има кон Русија, и дека внатре во институциите на Унијата постои страв од нарушување на односите со Вашингтон, кој е клучен сојузник на израелската влада.

Иако од ЕУ сè уште официјално не се огласија по повод снимката, дебатите на социјалните мрежи продолжуваат да се шират. Некои тврдат дека станува збор за „непријатно, но реално прашање“ што отвора важни етички дилеми, додека други сметаат дека споредбата меѓу Украина и Газа не е соодветна, бидејќи „околностите не се исти“.