ВМРО-ДПМНЕ: ДУИ да престане да го брани Дехари, жртвите да добијат заштита

Макфакс

15/10/2025

16:44

181

Големина на фонт

а а а

Не е етничко, туку морално и кривично прашање , ДУИ да престане да го брани Дехари, жртвите да добијат заштита, велат од ВМРО-ДПМНЕ за скандалот со Фатмир Дехари.

Според оваа партија, ДУИ се обидува скандалот со Фатмир Дехари да го претвори во етничка приказна.

„Тоа е евтин маневар. Ова не е Албанци против Македонци. Ова е злоупотребувач против жртви. Ова е прашање на достоинство, закон и одговорност, независно од етничката и верската припадност.

Јавноста слушна содржини кои будат сериозен сомнеж за сексуално вознемирување и притисоци во Општина Кичево. Наместо закрила на жртвите и отворање пат за истрага, ДУИ зборува за „подземје“ и „фабрикувани факти“. Тоа е класичен рецепт за одвлекување внимание од суштината и за заплашување на сведоци.

Нашите ставови се јасни:

1. Итна суспензија на Фатмир Дехари од сите јавни функции до завршување на постапките.

2. Независна форензичка проверка на аудио материјалите од вештаци што немаат допир со политиката. Се што е автентично – во обвинителство.

3. Заштита на пријавувачите и потенцијалните жртви согласно законот; отворање дискретни канали за пријава.

4. Внатрешна ревизија во Општина Кичево за работната средина и можни злоупотреби на службена положба.

5. Јавна осуда на секој обид за етничка манипулација. Достоинството на жените не е партиски штит“.

Кичево, според ВМРО-ДПМНЕ, не заслужува тишина и релативизација. Граѓаните, како што велат, се зрели и точно знаат дека клевета се крие зад оние што се плашат од вистината.

„Ќе инсистираме институциите да постапат професионално и непристрасно.

Во оваа држава правдата не смее да зависи од партиска книшка, етничка припадност или функција“.