Орбан: Европа мора да преговара со Русија, а не да чека на Америка

Макфакс

16/10/2025

17:19

169

Големина на фонт

а а а

Унгарскиот премиер Виктор Орбан упати апел до европските лидери, предупредувајќи дека „ризикот Европа да биде вовлечена во конфликтот е поголем денес отколку во кое било време од почетокот на војната во Украина“. Орбан рече дека е крајно време Европската Унија да ја промени својата политика и да започне директни преговори со Русија, наместо да чека исход од американско-руските договори.

„Мирот бара трпение, сила и понизност. Европа мора да го промени својот став“, напиша унгарскиот премиер на социјалната мрежа X, додавајќи дека сегашната политика на Брисел е деструктивна за континентот.

„Наместо ароганција и поттикнување бесконечна војна, ни требаат преговори со Русија. Само дијалогот може да донесе мир на нашиот континент“, рече Орбан, придружувајќи ја својата објава со симболот на мировниот гулаб.

Зборувајќи подоцна на пленарната седница на Унгарската постојана конференција (MAERT) во Будимпешта, Орбан оцени дека прашањето за војната и мирот во Украина е најитното прашање на европската политика, особено за земјите од Карпатскиот басен.

„Европа мора да преговара со Русија за да постигне мирен договор и да изгради нова европска безбедносна архитектура“, рече Орбан. „Тоа не смее да биде прашање што ќе го решат други – Европа мора да преземе одговорност и да зборува со свој глас“.

Според него, унгарскиот предлог за решение е јасен: дипломатски пат, а не ескалација.

„Иако Украина е клучно прашање во секој договор, таа не е најважна. Потребна е поширока европска дискусија за прашањата за оружјето, големината на армиите и безбедносниот систем со механизми за следење“, нагласи Орбан, додавајќи дека некои од претходните договори за контрола на оружјето веќе се грубо прекршени.

Унгарскиот премиер претходно ги критикуваше европските лидери за она што го нарекува „штетна комбинација од ароганција и потчинување на интересите на другите луѓе“, нагласувајќи дека политиката на санкции и поддршка за бесконечна војна мора да се заврши во корист на мирот и стабилноста во Европа.