[ВИДЕО] Македонија се простува од Панчо: Последната нота на големиот хуманитарец и уметник

Точка

16/10/2025

14:46

2.116

Големина на фонт

а а а

Во тивка и емотивна атмосфера, денеска Македонија се прости од популарниот пејач Владимир Блажев Панчо од групата ДНК, кој трагично го загуби животот како последна жртва на несреќата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Телото на почитуваниот музичар утрово беше изложено во црквата „Свети Илија“ во Аеродром, каде бројни граѓани, пријатели, роднини и фанови дојдоа да му оддадат последна почит. Црквата беше исполнета со емоции и солзи, а луѓето влегуваа за да му го кажат своето последно „збогум“ на човекот кој со својата музика ги обединуваше генерациите.

Меѓу присутните беа и многу негови колеги од македонската естрада - Тамара Тодевска, Влатко Лозаноски – Лозано, Роберт Билбилов, Пере од „Нокаут“, како и бројни јавни личности кои ја споделија болката со семејството и најблиските.

По опелото кое започна во 12 часот, поворката се упати кон Градските гробишта во Бутел, каде што попладнево Панчо беше погребан. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот што се случи пред седум месеци во дискотеката „Пулс“ се искачи на 63 лица. Во трагедијата животот го загуби и неговиот долгогодишен пријател и колега Андреј, со кого заедно ја создадоа препознатливата енергија на „ДНК“.

Во изминатите денови, низ социјалните мрежи се редеа пораки со тага, сеќавање и благодарност. Пријатели, колеги и обожаватели од целата земја се простуваа од него со зборови исполнети со љубов и почит.

Вчера, на плоштадот „Слобода“ во Штип, се одржа комеморативен настан под мотото „Ѕвездено небо во чест на Панчо“, како симболичен израз на благодарност кон неговиот лик и дело.

Македонија денеска се збогува со голем хуманитарец и уметник кој остави длабока трага на музичката сцена – со човек чија музика и добрина ќе продолжат да живеат во срцата на многумина.

Автор: Ц.Н.