Актерката Брижит Бардо (91), која стана легенда и се истакна како активистка за права на животните, наводно е во болница веќе три недели.
Таа моментално се наоѓа во приватната болница „Сен-Жан“ во Тулон, во близина на нејзиниот дом во Сен Тропе, пренесе „Nice-Matin“.
Според италијанскиот „Il Messaggero“ актерката неодамна била оперирана за време на лекувањето од тешка болест. Иако наскоро треба да биде отпуштена од болница, нејзината здравствена состојба е сè уште лоша и загрижувачка.
Бардо одлучи да се повлече од јавноста пред многу години, а последното појавување го оствари во мај оваа година, кога била домаќин на екипата на каналот БФМ во својот дом на југот на Франција.
Последен пат во јавноста
Причината за нејзиното јавно појавување беше писмото што Бардо го испратила до претседателот Емануел Макрон, премиерот на земјата и пратениците за да ја повика Франција да го забрани ловот со кучиња.
„Мислам дека можам да победам и, на крајот на краиштата, ова е мојата последна борба“ изјавила актерката, која го нарекла овој вид лов „хорор“ и нагласила дека нејзината земја „апсолутно мора да се согласи да ѝ ја понуди оваа победа“.
Актерката, позната по бројни контроверзии, во текот на последното јавно појавување изразила низа мислења што ја шокирале Франција, како на пример дека „феминизмот не е за неа“, а го бранела и Жерар Депардје, кого го поддржува иако тој е осуден за сексуално вознемирување.
Симбол на француската убавина и слобода, но и омразена
Брижит е родена на 28 септември 1934 година во Париз и беше една од најголемите филмски ѕвезди на планетата во текот на 50-тите и 60-тите години од минатиот век.
Стана позната по своите улоги во филмовите „И Бог ја создаде жената“ и „Жил и Џим“, а се пензионирала во 1970-тите за да се посвети на заштитата на животните, а подоцна ја основала својата фондација.
„Ја дадов мојата младост и убавина на мажите, сега им давам мудрост и искуство на животните“ рекла тогаш.
Во текот на нејзината кариера, таа снимила 47 филмови, а покрај тоа, постигнала успех и како пејачка, па во својата биографија има околу 30 песни, кои биле многу популарни во Европа во педесеттите и шеесеттите години.
Во тоа време, Брижит беше најпознатото лице на европското кино и симбол на ослободување и сензуалност, а зад себе има четири брака, од кои најпознат бил првиот, со Роже Вадим. По него, се мажела уште три пати – со актерот Жак Шарие, со кого го доби синот Никола, во 1960 година; потоа со милионерот Гинтер Сакс, познат по својот гламурозен начин на живот; и конечно со политичарот Бернар д’Ормал, со кого е во брак од 1992 година.
Меѓутоа таа секогаш истакнувала дека мајчинството ѝ е одбивно и дека „не е создадена за деца“, што го повредило нејзиниот син Николас, кој подоцна ја тужел за книгата во која пишувала за него и неговиот татко Жак.
„Беше како тумор што ме јадеше“ напишала актерката, изразувајќи длабоко страдање и внатрешен конфликт – потсетувајќи се на својата бременост, а исто така признала дека одбивала да го храни синот затоа што сметала дека тоа е нехумана улога што не сакала да ја преземе.
„Повеќе би сакала да родев мало куче, наместо човек“ рекла актерката во текот на деведесеттите години, а нејзиниот син се дистанцирал од неа толку многу што не ја поканил на свадбата. Наводно, тие се смириле дури во подоцнежните години на Брижит.