„Шанса за Центар – Независни заедно“: Во Центар останавме без лого на гласачките ливчиња

Макфакс

19/10/2025

19:23

133

Големина на фонт

а а а

На избирачките места во општина Центар е утврдено дека на избирачкиот материјал — листите со кандидати за градоначалници и советници — недостасува логото на независните кандидати од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар – Независни заедно“.

Според соопштението од иницијативата, логото не е испечатено кај Група избирачи Јане Димески на листата за советници и кај Група избирачи Билјана Ивановска на листата за градоначалници.

Од „Шанса за Центар“ наведуваат дека со ова е направена, како што велат, флагрантна дискриминација и повреда на членовите 97 став 1 и 98 став 1 од Изборниот законик, со што нивните кандидати се ставени во нерамноправна положба и е поништена еднаквоста на избирачкото право.

Неправилноста, според нив, е констатирана на целата територија на општина Центар и може да претставува основа за поништување на изборите во оваа општина.

Иницијативата информира дека се обидела да поднесе приговор преку електронската форма на страницата на Државната изборна комисија, но системот не функционирал во моментот на поднесувањето.

„Поднесен е приговор по електронски пат преку електронска пошта и во архивата на ДИК“, се наведува во соопштението.