Пеп Гвардиола повторно се мачи со повреди од стартот на сезоната и доста често е приморан да ротира во својот тим, но шпанскиот стручњак во пресрет на натпреварот со Вилјареал во Лигата на шампиони не го криеше задоволството што во тимот му се враќа големото летно засилување.
Рајан Шерки пристигна уште пред стартот на Светското клупско првенство и остави добар впечаток на мундијалот, меѓутоа имаше бавен влез во сезоната поради повреда и првите минути после речиси два месеци ги доби на мечот со Евертон.
Шерки веднаш направи разлика и со извонреден пас му овозможи на Ерлинг Халанд да се најде во стопроцентна ситуација, па иако Норвежанецот не реализираше, Пеп е свесен дека може да добие многу со новата „десетка“ во тимот на Сити.
– Рајан е еден од најталентираните играчи кои ги имам видено во мојата кариера, а сами знаете какви играчи тренирав. Неговиот талент е недопрен, тој е неверојатен. Сега треба да го преточи талентот во тимска игра и да почне да ги чита акциите на тимот. Почна добро на клупскиот мундијал и после имаше неколку недели пауза.
– Кога топката е во негови нозе, очекувам дека нешто ќе се случи, секогаш гледам на ситуацијата од подобра перспектива. Сепак, треба да се адаптира и треба да сфати дека не мора секогаш да направи нешто извонредно, понекогаш е доволно само да игра фудбал. Сите го видовте пасот кој му го даде на Ерлинг против Евертон, тој има нешто посебно. Тој е играч кој не чувствува притисок, тој игра како уличен играч, постојано ја сака топката во своите нозе, – изјави Гвардиола.