Поранешниот сопственик на Челзи, рускиот милијардер Роман Абрамович, планира да се врати во европскиот фудбал со купување на турскиот гигант Галатасарај, тврдат објавуваат турските медиуми.
Според весникот „Создзу“, Абрамович е во напредни преговори за преземање на поголемиот дел од акциите на истанбулскиот клуб, а наводно веќе купил луксузна вила во Истанбул, што дополнително ги разгорува шпекулациите. Сепак, за реализација на оваа купопродажба, ќе му треба дозвола од турските власти.
Абрамович го презеде Челзи во 2003 година и оттогаш го водеше клубот до нивниот најголем успех досега, вклучувајќи две титули во Лигата на шампионите, две Лиги на Европа и пет титули во англиската Премиер лига. Тој го продаде клубот во 2022 година по санкциите воведени поради војната во Украина.
Поради сегашните ограничувања за руските сопственици во повеќето европски национални шампионати, Турција се појавува како логичен избор за неговото враќање, а Галатасарај, актуелниот шампион, е најзначајното име.
Галатасарај ја отвори сезоната со девет победи во 11 натпревари, а во третото коло од Лигата на шампионите вечерва во 18:45 часот го пречекува норвешкиот Боде/Глимт.
Историски гледано, Галатасарај го освои Купот на УЕФА во 2000 година и Суперкупот на УЕФА истата година, а нивниот најголем успех во Лигата на шампионите е забележан во 2013 година со пласман во четвртфиналето.